Балистички проектил од Северна Кореја прелета низ воздушниот простор на Јапонија

Медиумите во источна Азија јавуваат дека вооружените сили на Демократска Народна Република Кореја утринава по локално време истрелале балистичка ракета со среден дострел која прелетала низ јапонскиот воздушен простор и поминала околу 4.600 километри пред да се урне во водите на Тихиот Океан.

Утрово околу 7 часот и 40 минути по локално време, проектил со среден дострел истрелан од Демократска Народна Република Кореја прелета низ јапонскиот воздушен простор, јавуваат јапонските медиуми.

Ова е првпат слична ситуација да се случи од 2017 година, пренесува Би-Би-Си. Обединетите нации и забранија на Северна Кореја тестирање на нуклеарни и балистички проектили.

„Северна Кореја лансираше проектил. Ве молиме евакуирајте се во згради или подземни премини“, се вели во пораката на јапонската влада објавена во 7:29 часот по време во Токио.

Официјални лица потврдија дека проектилот паднал во Тихиот океан на околу 3.000 километри од брегот на Јапонија и дека нема повредени поврзани со инцидентот.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида остро ја осуди постапката на Северна Кореја, опишувајќи го лансирањето како „насилно однесување“, а јапонската влада свика состанок на Советот за национална безбедност.

Лансирањето, пишува Би-Би-Си, е намерна ескалација на ситуацијата, со намера да се предизвика вниманието на Јапонија и САД, кои во последно време главно ја игнорираат Северна Кореја и нејзиниот лидер Ким Џонг-ун.

Овој потег на Пјонгјанг, се наведува, е во целосна спротивност со меѓународните норми за летот на ракети над териториите на други држави без претходно предупредување или консултација. Повеќето земји избегнуваат слични потези, за да не се толкуваат како напад.

Фото и Видео: Youtube