И покрај заслужениот триумф на тешкото гостување во Фиренца, најголемата ѕвезда во дресот на Милан, Марио Балотели по натпреварот изјави дека е најмногу разочаран од однесувањето на главниот арбитар, Даниеле Орсато.
„Најмногу ме нервираше главниот судија. Јас не можам да ги сфатам судиите во Италија. Не можам да го сфатам нивното однесување, не можам да сфатам зошто не сакаат некаков дијалог. Зошто добив жолт картон? Затоа што сакав малку да поразговарам со главниот судија, сакав да му објаснам дека бев удрен од противничкиот фудбалер, дека ме удри со рака. Ми покажа жолт картон и ми кажа дека премногу зборувам. Можеби и зборувам повеќе од дозволеното, но нема ништо лошо во еден мал дијалог. Многу лоша ситуација”, изјави Балотели.
Репрезентативецот на Италија додаде не се точни информациите дека постои некаков раздор во клупската соблекувална.
„Искрено, не ги читам спортските весници. Но знам дека се пишува се и сешто доколку клубот загуби два или три натпревари по ред. Не е точно дека сме нервозни, не е точно дека има раздор во клупската соблекувална. Станува збор за фантастична група од фудбалери, која е обединета, која функционира како една целина. Точно дека сме тажни поради елиминацијата од Лигата на шампиони и поради фактот дека во следната сезона нема да бидеме дел од ЛШ, но информациите околу раздорот се чиста глупост”, изјави Балотели.