Балтимор: Шест полицајци обвинети за смртта на афроамериканец

Поротата во Балтимор одлучи против шестмина полицајци од тој град да биде покренато обвинение поради смртта на афроамериканецот Фреди Греј, кој им подлегна на повредите со кои што се здоби за време на апсењето минатиот месец, соопшти државниот обвинител Мерлин Мосби.

Полицајците претходно беа осомничени, а сега и официјално се обвинети за смртта на 25-годишниот Греј.

Мосби нагласила дека на Фреди Греј му бил скршен вратот во моментот кога полицајците му ставале лисици и со глава го фрлиле во полициското комби, а неговите барања да му биде пружена медицинска помош биле игнорирани.

Од шестмината полицајци еден е обвинет за второсепено убиство, а за другите се покренати обвиненија за полесни дела.

По смртта на Греј во Балтимор беа организирани повеќедневни насилни протести против полициската бруталност кон афроамериканците.