Банана залепена на ѕид продадена за 6,2 милиони долари

Банана залепена на ѕид, провокативно дело на концептуалниот италијански уметник Маурицио Кателан, купил инвеститор во криптовалути за 6,2 милиони долари на аукција во Њујорк во средата, објави аукциската куќа Sotheby’s.

Уметничкото дело кое може да се јаде „Комичар“ првпат беше претставено во 2019 година на изложбата „Art Basel“ во Мајами, што предизвика контроверзии и дебати околу тоа дали воопшто треба да се смета за уметност, што беше целта на Кателан.

Уметничката галерија „Porrotin“ објави во ноември минатата година дека претходно продала три верзии од инсталацијата со бананите за најмалку 120.000 долари со сертификати за автентичност, покренувајќи контроверзии во светот на уметноста.

Кинескиот инвеститор во криптовалути Џастин Сун издвои повеќе од 6 милиони долари за тоа овошје и парче селотејп во средата. Делото беше ставено на аукција пред пет години за 120.000 долари, пишува агенцијата AFP.

„Ова не е само уметничко дело. Претставува културен феномен што ги премостува световите на уметноста, мемите и заедницата на криптовалути. Верувам дека ова дело ќе инспирира повеќе идеи и дискусии во иднина и ќе стане дел од историјата“, ја цитира Sotheby’s изјавата на Сун.

Во наддавањето учествувале седум потенцијални купувачи, но крајната цена ги надмина сите очекувања. Sotheby’s претходно веруваше дека ќе се продаде за максимум меѓу 1 и 1,5 милиони долари.

Со оглед на рокот на траење на бананата, Сун всушност купува сертификат за автентичност дека станува збор за дело на Кателан, заедно со инструкции како да се замени овошјето кога ќе се расипе.

Инсталацијата продадена во средата е третата верзија на делото. Првата верзија ја изел уметникот Дејвид Датуна затоа што на изложбата во Мајами се чувствувал „гладен“.

Сун, основачот на берзата за криптовалути Tron, објави дека и тој планира да ја изеде својата инвестиција.

„Во наредните денови јас лично ќе ја изедам бананата како дел од ова единствено уметничко искуство, оддавајќи му почит на нејзиното место во историјата на уметноста и популарната култура“, рече тој.

Покрај ова дело, Кателан е познат и по целосно функционалната тоалетна школка од 18 каратно злато наречена „America“, понудена на Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат во Белата куќа.

Делата на Италијанецот често се хумористични и намерно провокативни, па во 1999 година тој направи скулптура на папа кого го погодува метеор, нарекувајќи го делото „Деветтиот час“.

Своето дело со бананата ја прогласи за критика на пазарот на уметнички дела, кој претходно го прогласи за шпекулативен и од мала помош за самите уметници.


Почетната цена од 120.000 долари за „Комичар“ од 2019 година тогаш се сметаше за доказ дека пазарот е „во бананата“ и дека уметничкиот свет „полудел“, како што напиша The New York Post на својата насловна страница.

Бананата продадена во средата за 6,2 милиони долари претходно била купена на Менхетен за 35 центи од продавач на овошје од Бангладеш, пишува денеска The New York Times.

Сун и претходно беше тема на медиумите поради наводни сомнителни зделки во светот на криптовалутите. Американските власти минатата година го обвинија за манипулација на пазарот и нерегистрирана продажба на крипто средства што ги промовираше со поддршка на ѕвезди, вклучително и пејачката Линдзи Лохан.

Во 2021 година, Сун ја купи скулптурата „Нос“ на Алберто Џакомети за 78,4 милиони долари. Во тоа време, Sotheby’s ја опиша продажбата како сигнал за „доаѓање на помлади, технолошки вешти колекционери“.