
Цените на нафтата на меѓународните пазари падна во вторникот под 80 долари, имајќи ја предвид изразената загриженост на трговците од колапсот на американската „Silicon Valley Bank“ (SVB) што ги вознемири пазарите на хартии од вредност и го разгоре стравот од нова финансиска криза.
На лондонскиот пазар цената во раното попладневно тргување беше пониска за 1,11 долари отколку на затворањето на вчерашното тргување и изнесуваше 79,66 долари. Вчера, поради истите причини, тргувањето го заклучи во минус од 2,01 долари.
На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по 1,24 долари пониска цена, од 73,56 долари. Во понеделникот тргувањето беше затворено во минус од 1,88 долари.
Во засебен извештај, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот референтна кошница нафта на нејзините членки поскапел во понеделникот за 1,16 долари, на 81,88 долари.
Пазарите на почетокот од седмицата ги вознемири колапсот на американската „Silicon Valley Bank“ (SVB) по масовното повлекување на депозитите, поттикнато од неуспешниот обид на банката да ги прикрие загубите на вредноста на портфељите од државните обврзници, за што причина е зголемувањето на клучните каматни стапки од страна на американската централна банка Federal Reserve (Fed).
„Silicon Valley Bank“ беше специјализирана за секторот на стартапи, а со сличен портфељ беше и њујоршката „Signature Bank“ која беше затворена во неделата, а депозитите ги насочувала кон купување државни обврзници чијашто цена остро падна откако Fed од минатата година ги згасна програмите за купување капитали и остро ги подигна каматните стапки за да ја заузди инфлацијата и да го спречи лизгањето на САД во рецесија.
По „Silicon Valley Bank“ и „Signature Bank“, американските регулатори затворија уште една помала банка, а инвеститорите на берзите стравуваат од повторување на големата финансиска криза од 2008 година, па акциите на банките забележаа остар пад.
Цените на нафтата така се спуштија на најниските нивоа од почетокот на јануари, односно д ланскиот декември, следејќи го трендот на пазарите на хартии од вредност.
Аналитичарите на „Commerzbank“ очекуваат силни осцилации на цените на пазарите на нафта следните денови, а во UBS банката, пак, сметаат дека проблемите во регионалните американски банки не влијаат толку на пазарите на стоки.
„Она што се случуваше во понеделникот со регионалните американски банки, според нашето мислење е повеќе врева отколку вистинска вест за стоковите пазари и не би требало позначително да влијае врз нив на среден и долг рок“, вели во анкетата на Reuters Карстен Менке од USB.
По колапсот на „Silicon Valley Bank“ се очекува дека американската централна банка следната седмица ќе ги зголеми клучните каматни стапки за уште четвртина процентен поен, а не за половина процентен поен, проценуваат трговците.
Благото зголемување на каматите би значело послаб американски долар, а тоа би ги поткрепило цените на нафтата бидејќи би им помогнало на трговците коишто поседуваат други валути.
Потрошувачките цени во САД пораснале во февруари на месечно ниво за 0,4 отсто, малку поблаго отколку во јануари. На годишно ниво, пак, зголемени се за 6,1 отсто, по 6,2-процентниот раст во првиот месец од годинава, што е најблаго раст од септември 2021 година.
Од друга страна, пак, инфлацијата во Кина се спуштила на најниското ниво од наназад дванаесет месеци. А OPEC повторно во својот месечен извештај ја подигна процената на растот на кинеската побарувачка на нафта во оваа година, но ги потврди процените за глобалната побарувачка.
Меѓународната агенција за енергија (МАЕ – IEA) ќе го објави својот месечен извештај во среда.