
Привремениот шеф на кабинетот на американскиот претседател Мајк Малвејни, призна во четвртокот дека американскиот претседател Доналд Трамп ја замрзнал воената помош за Украина претходно годинава, делумно и за да го притисне Киев да ги истражи наводите за вмешаноста на Украина во претседателските избори во 2016 година.
Малвејни на прес-конференција изјави дека таквиот потег е „потполно соодветен“ и додаде дека Трамп бил загрижен и за корупцијата во Украина.
„Истрагата за тоа што се случило во 2016 година, сигурно беше една од работите кои кај него предизвикувале загриженост поради корупцијата во таа земја“, рече Малвејни истакнувајќи дека во крајна линија на Украина ѝ беше испратена американската воена помош.
Запрашан дали станува збор за услуга за услуга, Малвејни на новинарите им одговори дека „го правиме тоа постојано во надворешната политика“.
Малвејни зборуваше и дека за тоа оти Украина влијаела на американските претседателски избори во 2016 година како и дека компјутерскиот север на американската Демократска партија, од кој мрежата WikiLeaks објавуваше компромитирачка доверлива преписка меѓу челниците на партијата бил сместен во Украина.
Уште во времето на разгорување на истрагата за наводното руско мешање во американскиот изборен систем, во медиумите се појавија наводи дека трагите кои водат наводно до учество на Москва во изборите во полза на Трамп носеле кодови со кирилични обележја, за кои некои експерти за кибернетичка безбедност сметаа дека се кодови кои ги користат украинските хакери. Новиот украински претседател Владимир Зеленски претходно во октомври потврди дека неговата влада ќе ја истражи можната украинска вмешаност во американските избори.
Наводната злоупотреба на Трамп на американската надворешна политика во предизборни цели, ги наведе демократите да покренат истрага за постапка за отповикување на американскиот претседател. Демократите тврдат дека Трамп го уценил Зеленски да покрене истрага за тоа дали поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, кој е фаворите на Демократската партија за претседателски кандидат, влијаел да се смени државниот обвинител во Украина кој истражувал за корупција во најголемата приватна украинска енергетска компанија „Burisma“, а во чијшто управен одбор бил Хантер Бајден.
Белата куќа го објави транскриптот од спорниот телефонски разговор од 25-ти јули годинава во кој се потврдува дека Трамп се интересирал за можноста да се истражи дали имало влијание и условувања од Бајден во врска со споменатата истрага. Но и американскиот и украинскиот претседател негираа дека имало притисок врз Зеленски, иако Трамп кусо претходно привремено ја суспендираше воената помош на САД за Украина.