Барањето за промена на Уставот има минорна поддршка кај македонскиот политички блок

Неуспешниот обид за промена на Уставот уште еднаш потврди дека криминалната власт на СДС и ДУИ е целосно делегитимирана, која единствениот легитимитет за своето владеење го влече од лажните ветувања за европската агенда, реагираше Левица.

„Иако октроираниот премиер Ковачевски упорно манипулира дека сите пратеници од СДС ја поддржуваат промената на Уставот, останува фактот дека пратеникот од редовите на СДС, Диме Велковски, не се појави на седницата за гласање за уставни измени. Неспособноста на оваа гарнитура политичари од СДС најдобро се отсликува во нивните излитени реакции дека пропаднатото гласање за промена на Уставот е анти-европски потег. Со ваквите очајни изјави, раководството на СДС директно ги прогласи за анти-европски 80% од граѓаните, кои се против промената на Уставот! Дополнително, уште еднаш се потврди дека барањето за промена на Уставот има минорна поддршка кај македонскиот политички блок, со оглед на фактот дека само 32 пратеници од пратениците-Македонци гласаа да се стави точката на дневен ред. Бидејќи се работи за прашање кое најдиректно го задира македонскиот идентитет (поради континуираната негаторска политика на официјална Бугарија) било кое решение кое нема поддршка од мнозинството Македонци не може да биде легитимно, ниту пак да ги може да ги штити македонските национални интереси“, се вели во соопштението на Левица.

Тоа што пратеници на СДС не го поддржуваат анти-македонското барање за промена на Уставот, посочува Левица, само ја најавува фрагментираноста на оваа партија, која конечното фијаско и пасокизација ќе го доживее на наредните парламентарни избори, кога и да се одржат.

„Бидејќи е јасно дека криминалните СДС и ДУИ немаат никаков капацитет да ја спроведат европската агенда, со чие ветување дојдоја на власт, во услови кога власта е целосно делегитимирана, единствено решение е предвремени парламентарни избори, каде народот конечно ќе се изјасни чии политики ги поддржуваат“, соопшти Левица.