Барањето за референдум за преговарачката рамка со Бугарија е нерелевантно, смета Ковачевски

Референдумот за преговарачката рамка со Бугарија кој го бара опозициската страна на ВМРО-ДПМНЕ е за внатрешно – партиска употреба и дека оваа опозициска партија заедно со Левица се единствените две партии кои се против влез во Европската унија, а земјата го започна патот за зачленување во ЕУ и ваков референдум е неревантен, изјави во неделата во Тетово премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Република Северна Македонија ги почна преговорите и тоа ги почнавме со чист македонски јазик, со заштитен идентитет, напишано на хартија и потврдено од претставници на Европската комисија. Оваа држава од денот на одржувањето на првата меѓувладина конференција, го започна патот кон зачленување во ЕУ. Од тој пат нема ниту назад, нема ниту лево, а уште помалку има десно кон исток, така што сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кој треба да биде против зачленување во ЕУ.“ посочи Ковачевски.

Ковачевски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ беше партија која беше против членството во НАТО, а сега заедно со новиот коалициски партнер Левица се единствените партии што се против членството во ЕУ и тоа го покажаа и во Собранието кога се гласаа Заклучоците кои обезбедија почеток на преговорите со ЕУ.