Барајќи го свртениот грб СДСМ се најде во раскол

Случувањата во очи на локалните избори во коалицијата на власт и во СДСМ, како водечка партија во коалицискиот состав, не манифестираат единство и победничка атмосфера, како што вели генералниот секретар на социјалдемократите Љупчо Николовски, туку, од страна гледано, личи на разидување по многу основи во самата партија, а и во коалицијата.

Уверувањата на Николовски дека без разлика кој и да биде кандидат за градоначалник од СДСМ, во повеќе градови ќе е победник нивниот претставник, се шарени лаги за мали деца во кои и тие самите не веруваат.

Веќе неколку месеци, можеби и цела година се зборува за поделбата во партијата на неколку крила, за сето тоа да излезе на површина пред локалните избори. Така, неколку пати пишувавме за местенките на Максим Димитриевски за време на пандемијата од страна на Венко Филипче, Зоран Заев и Оливер Спасовски. Ваквите случувања на релација градоначалник-централна власт имаа одек во јавноста. Димитриевски беше жртва, но затоа на своја страна ја доби поддршката од народот. Токму двигателот на случувањата од 2016 година и носењето на власт на СДСМ, Максим Димитриевски стана непријател на својот сопартиец и сограѓанин Оливер Спасовски кој за градоначалник го турка нему блискиот Оливер Илиевски.

Сакајќи да ги држи во неизвесност и жедни преку вода да ги преведе, Зоран Заев заборави дека некои работи имаат граница, па така Димитриевски прв се огласи дека оди на избори како независен кандидат, а СДСМ го етикетираше дека и свртел грб на партијата. А тој ја покажа дека неговата сила е во народот, па така вчера редици луѓе чекаа да ја поддржат неговата кандидатура.

Димитриевски посочи дека во ниту еден момент не го свртил грбот на социјалдемократската идеа, а најмалку на членовите на Социјалдемократскиот сојуз.

– Но, за жал исто така нема да дозволам и да бидам составен дел на одредени политички интриги на поединци во склопот на мојот политички субјект коишто извршуваат одговорни и политички функции. Затоа ја послушав иницијативата на граѓаните и денес се одлучив на ваков потег. Се заблагодарувам на сите кумановчани коишто денес дадоа масовна поддршка на една ваква иницијатива бидејќи сепак тие заслужуваат почит и признание“, истакна вчера Димитриевски.

По градоначалникот на Куманово со независна кандидатура истрча и Зоран Ногачески за Општина Дебарца. Освен тоа, Ногачески собира потписи и за независната листа за членови на советот на Општина Дебрца.

Ваквото играње со кандидатите се гледа и во Општина Центар и во Општина Ѓорче Петров. Досегашните градоначалници Саша Богдановиќ и Алекасандар Наумоски се држат на тенок лед за да не тргнат по стапките на Димитриевски и Ногачески.

Од друга страна, ЛДП, ДОМ и Демократскиот сојуз на локалните избори ќе настапат како посебна коалиција. И најпростата математика покажува дека СДСМ ќе изгуби доста гласови од коалиционите партнери и од струите во самата партија, односно расколот е на повидок. Заев тргна да расчистува со приврзаниците на Бранко Црвенковски, па со оние на Радмила Шекеринска која во последните месец-два се тргна настрана но итро парадира и собира симпатии. Потоа Заев, Филипче и Спасовски тргнаа во расчистување со оние кои мислат и со своја глава, при што за некои од нив многу битни беа националните интереси и не трпеа национални понижувања кои ги диктираше Бугарија, а Заев ги прифаќаше со насмевка.

Прашањето е кој ја киднапира партијата? Максим или Заев и компанија?

Во политичките кулоари кружи една на анегдота, штом Демократскиот сојуз ќе го промени таборот/ коалицијата тогаш владејачката партија ги губи изборите.

Како и да е овие партии ќе бараат поголемо осамостојување, но и поголем дел од колачот. Така, патот на падот е истрасиран. Додека СДСМ бара кој им го свртел грбот, повеќе од сигурно е дека оваа партија е во раскол.