Две оперски ѕвезди ќе блеснат на свеченото отворање на 54-то Охридско лето на сцената на Античкиот театар. Љубителите на уметноста ќе имаат ретка можност да уживаат во заедничкиот настап на италијанскиот сопран со ангелски глас Барбара Фритоли и италијанскиот баритон Лео Нучи. Покрај нив годинешното фестивалско издание ќе биде богато со врвни музички имиња чии настапи ги краселе престижните светски сцени.
„Екслузивноста е уште поголема што најголем дел од уметниците што гостуваат оваа година за првпат не се само гости на фестивалот Охридско Лето во Македонија туку за прв пат доаѓаат и во регионот“ – рече Гордана Јосифоска Неделкоска-музички селектор на Охридско лето.
Се издвојуваат настапите на еден од најдобрите пијанисти на денешницата Аркадиј Володис, гудачкиот квартет Моцарт груп, хравскиот пијанист Максим Мрвица, познатата израелска вокална акапела група „Вока пипл“ за чиј настап се очекуваа гости и од регионот. Богата театарска програма најави и драмскиот селектор Јолески.
„Многу е важно во летото во Охрид да има многу смеа, многу ведрина,убавина, насмеани лица,токму заради тоа мојот избор оваа година се комедии“ – изјави тој.
За овогодинешното издание на Охридско лето сцените на Античкиот тетар и Долни Сарај ќе бидат покриени со монтажен кров. Дирекцијата на фестивалот не заборави на хуманоста. Директорката Елизабета Јанкулоска рече дека Охридско лето ја поддржува акцијата на новинарите за спас на 12 годишно охриѓанче за чија операција во Кина се потребни 35.000 евра.