Барбаровски: Го множат стравот велејќи „сега или никогаш“, доаѓаме тука да ги одбраниме идентитетот, историјата и јазикот!

Тука сум затоа што не сакам да ме бројат како уште еден излажан, доаѓам за утре кога внуците ќе ме прашаат  каде беше дедо и што правеше кога се решаваше за идентитетот, за јазикот, историјата за достоинството на Македонија, да можам да им кажам бев на вистинското место.  Кога ќе го направам тоа ако не сега, а каде ако не тука, изјави на денешниот протест „Ултиматум – Не благодарам“, поетот Ѓорѓи Барбаровски.

Рече дека доаѓа на протестите затоа што ништо само од себе не може да се разбуди и може да се разбуди само во нас во сите заедно.

„Како поет знам дека најдобрите песни се раѓаат кога се околу се буди и се доведено во драматичност која вели сега е вистинскиот момент да се буди.  Доаѓам затоа што гледам дека страв и гнев се вгнездува меѓу луѓето. Политиката стравот го умножува велејќи сега или никогаш, сѐ или ништо“, рече тој.

Барбаровски додаде дека стравот ја поткопува слободата која е јадро на демократијата.

„Пред 30 години го напишав мојот завет што вие овие денови го пеете.  Негде ќе те премолчат, негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријат, само ти си бесмртна, жива водна подземна, кај што тонеш ти извираш. Може да те одречат, може да те предадат, може сешто да измислат само ти си бесмртна, жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш. Векови пеколни заедно ќе минеме, древно земјо Македонска, така пишано ништо да не бидеме ти без мене јас без тебе“, заклучи Барбаровски.