Барди го запре Атлетико, Реал Сосиедад повторно на врвот на Примера

Фудбалерите на Реал Сосиедад ја совладаа со 2: 0 Селта на нејзиниот терен во Виго во 11-то коло од шпанското првенство и повторно го заземаат врвот на табелата.

Погодоците за тимот од баскиски Сан Себастијан ги постигнаа Александер Исак во 55 и Арил Елустондо во 80 минтуа.

Во последниот натпревар во четвртокот актуелниот шампион Атлетико одигра само 2:2 на гостувањето во мадридското предградие кај претпоследниот Леванте.

Атлетико двапато водеше со головите на Антонио Гризман во 12 и Матеус Куња во 76 минута, но македонскиот репрезентативец Енис Барди двапати реализираше најстроги казни во 37 и 90 минута. Леванте во долгото десетминутно судиско продолжение остана без исклучениот Робер Пјер.

Реал Сосиедад е прв на табелата со 24 бодови, три повеќе од Реал Мадрид и Севилја кои имаат и меч помалку, а 21 бод има и Реал Бетис но од 11 кола. Атлетико е шесто со 19 бодови, колку што има и петтиот Рајо Ваљекано чиј јунак во победата над Барселона беше македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски кој во 72.минута му го одбрани пеналот на Мемфис Депај во победата на својот тим со 1:0.

Селта Виго по пова коло е 14-та со 10 бодови, а Леванте остана претпоследен 19-ти со шест бодови, два помалку од зоната кој носи опстанок во Примера.

Во првиот натпревар во четвртокот Гранада со голот на Хорхе Молина длабоко во судиското продолжение на мечот во 90+7 ја спречи првата победа сезонава на фенерџијата Хетафе кој поведе во 36 минута преку Енес Унал.

Гранада се одржа на 17-то место, последното вон зоната на испаѓање но со само 8 бодови, а за Хетафе ова беше само третиот бод.