Барние: ЕУ е подготвена и за сценариото без договор со Лондон

Европската унија се подготвува и можноста со Велика Британија да не успее да договори спогодба, изјави во неделата главниот преговарач на Брисел за британското излегување од Унијата, Мишел Барние во интервјуто за францускиот неделник Journal du Dimanche истакнувајќи дека тоа не е сценариото коешто тој го заговара.

„Не ја заговарам таа опција којашто би значела враќање 44 години наназад (кога Велика Британија ѝ пристапи на тогашната Европска унија – з.р.). Но тоа сепак останува како можност.. Секој треба да се подготви, и државите и компаниите, а и ние се подготвуваме технички“, вели главниот преговарач на ЕУ за Брегзитот, Мишел Барние во интервјуто за францускиот весник.

Доколку договорот не биде постигнат до 29-ти март 2019 година, односно датумот на излегување на Велика Британија од Европската унија, Лондон ќе „влезе во режимот на општото право на Светската трговска организација (СТО – WTO), и со неа ќе имаме односи какви што одржуваме, на пример, со Кина“, предупредува Барние во разговорот за Journal du Dimanche.

Брисел во петокот му даде рок од две седмици на Лондон да се изјасни за исполнувањето на своите финансиски обврски кон ЕУ, доколку сака во декември да добие зелено светло за отворање на преговорите за идните односи со Унијата. Изнесувањето на јасен став е услов Брисел да прифати следниот месец преговори за трговските односи на што инаку инсистира Лондон за д се подготви за периодот по излегувањето од блокот.

„Сакаме да постигнеме договор во рок од петнаесет работни дена пред состанокот на Европскиот совет на 14-ти и 15-ти декември… Состанокот ќе биде одложен доколку не биде остварен доволен напредок“, повторно предупредува Барние.

Унијата инсистира преговорите со Обединетото Кралство да се водат во две фази. Во прв ред според Брисел треба да се решат прашањата на разделувањето при што има три клучни теми: правата на државјаните на земјите членки на ЕУ во Велика Британија по прашањето на копнениот граничен режим меѓу Република Ирска и Северна Ирска и финансискиот договор. Лондон и Брисел имаат разлики во ставовите кон начинот на кој бе се избегнала ткн „тврда“ граница со Ирска.

„Трагичниот судир меѓу протестантите и католиците не се случи толку одамна… Нема да сторам ништо што би можело да го ослаби овој мировен процес“, додава Барние.