Барние ги отфрлил клучните елементи од британскиот план за брегзитот

Главниот преговарач на Европската унија за односите откако во март догодина од неа ќе истапи Обединетото Кралство, Мишел Барние, предупредил дека клучните елементи од британскиот план за трговските односи по брегзитот се неприфатливи, објави во петокот британската парламентарна комисија за напуштање на Унијата.

Барние изјавил дека Брисел нема да ги прифати предлозите од Лондон за создавање зона на слободна трговија за индустриските стоки, како ниту можност Велика Британија да ги собира царините на стоката којашто влегува на нејзината територија, а крајна дестинација ѝ се земјите членки на Европската унија.

Тоа би го „довело во прашање интегритетот на нашиот слободен пазар… Тоа не доаѓа предвид“, им рекол Мишел Барние на членовите на британската парламентарна комисија за брегзитот во текот на сослушувањето во Брисел во понеделникот.

Ова претставува дополнителн поттик за критичарите на планот на британската премиерка Тереза Меј, а кој предвидува одржување на тесни трговски врски со ЕУ. Планот го критикуваат и приврзаниците на брегзитот во самата Конзервативна партија на Меј, но и на неколкумина во комисијата кои сакаат Велика Британија да остане во Унијата.

Барние рекол дека 80 отсто од договорите се усогласени, но предупредил дека сé може да падне во вода доколку не биде постигнат договор за границата меѓу Северна Ирска, како дел од Обединетото Кралство, и Република Ирска која е членка на Европската унија.

Барние во петокот во објава на Twitter напиша дека е решителен да работи на тоа излегувањето на Британија од ЕУ да биде испреговарано.

„Во пресрет на неформалниот состанок на европските челници во Салцбург, решителни сме да се бориме за уредно повлекување на Велика Британија од ЕУ, а договор за границата на Северна Ирска, како и за амбициозните идни односи со Обединетото Кралство“, напиша Барние.