Францускиот премиер Мишел Барние поднесе оставка во четвртокот откако пратениците од крајната десница и крајната левица гласаа за соборување на неговата влада, втурнувајќи ја втората економија на еврозоната подлабоко во политичка криза.
„Претседателот Емануел Макрон побара од Барние и владата привремено да останат на функцијата додека тој не номинира нов премиер“, објави Елисејскиот дворец.
Барние, политички ветеран и преговарач на Европската унија за излегувањето на Велика Британија од блокот, стана премиер со најкраток стаж во модерната француска историја. Ниту една француска влада не ја изгуби довербата во парламентот уште од времето на Жорж Помпиду во 1962 година.
Политичките превирања дополнително ја ослабуваат Европската унија, која веќе беше потресена од падот на германската коалициска влада, а сето тоа доаѓа само неколку седмици пред новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.
Тврдокорната левица и крајната десница го казнија Барние со гласање за доверба во средата вечерта затоа што се обиде да протурка непопуларен буџет низ парламентот без гласање. Во предлог буџетот беа предвидени заштеди во износ од 60 милијарди евра за да се намали големиот дефицит.
Ова дополнително ја ослабува позицијата на претседателот Макрон, кој ја забрза актуелната криза со несреќната одлука за распишување предвремени избори во јуни годинава.
Макрон, кој се соочува со зголемени повици да поднесе оставка, има мандат до 2027 година. Сепак, долгорочниот политички дебакл го ослабе. Анкетата на интернет, спроведена веднаш по гласањето недоверба, покажа дека 64 отсто од гласачите сакаат Макрон да поднесе оставка.
„Главниот виновник за сегашната ситуација е Емануел Макрон. Распуштањето (на парламентот во јуни) и цензурата (на владата) се последица на неговата политика и значајната поделба што постои денес меѓу него и Французите“, “, изјави лидерката на Националното собрание Марин Ле Пен за телевизијата TF1 во средата доцна вечерта.
Тесно мнозинство од гласачите го одобри соборувањето на Барние во парламентот, но многумина остануваат загрижени за економските и политичките последици, според анкетата спроведена од Toluna Harris Interactive за радиодифузерот RTL.
Франција сега ризикува да ја заврши годината без стабилна влада или буџет за 2025 година, иако уставот дозволува посебни мерки за да се спречи колапс на владата во стилот на таквите состојби во САД.
Три извора изјавиле за Reuters дека Макрон има намера брзо да назначи нов премиер, при што еден од нив рекол дека францускиот претседател сака да назначи премиер пред церемонијата на повторното отворање на катедралата Нотр Дам во сабота, на која се очекува да присуствува и новоибзнраниот американски претседател Доналд Трамп.
Новиот премиер ќе се соочи со истите предизвици како и Барние во донесувањето на неговиот предлог-закон, вклучувајќи го и буџетот за 2025 година, во фрагментираниот парламент. Нови предвремени парламентарни избори не може да се одржат пред јули.
„До можните нови избори, политичката несигурност веројатно ќе ја одржи високата премијата за ризик за француските средства. Политичката неизвесност веројатно ќе ги ослаби и инвестициите и потрошувачката“, велат аналитичарите на „SocGen Bank“ во белешката за клиентите.
Политичката неизвесност со седмици ги вознемирува инвеститорите во француските државни обврзници и акции. Премиите за ризик за француските државни обврзници во четвртокот беа блиску до нивното највисоко ниво во повеќе од 12 години.
Францускиот конзервативен политичар Ксавиер Бертран рече дека чувствува мешавина од гнев и срам поради гласањето недоверба.
„Како двете крајности, (тврдата левица) Непокорена Франција и Националниот собир, да станаа центар на политичкиот живот“, изјави Бертран за телевизискиот канал BFMTV.