Според вработените во еропските институции, службеници на државите членки кои работат во службите на Европската унија и лобисти, најмногу шанси за нов претседател на Европската комисија има Французинот Мишел Барние, за претседател на Европскиот совет, Холанѓанецот Марк Руте, а за претседател на Европскиот парламент, Манфред Вебер, покажуваат резултатите од анкетата што ја спровела невладината организација VoteWatch.
Во анкетата биле вклучени повеќе илјади припадници на таканаречениот „поширок ЕУ балон“, кој освен вработени во европските институции вклучува и службеници на државите членки кои се ангажирани на работи во ЕУ, експерти од приватниот сектор, тинк-тенк групи, невладини организации и медиуми.
Меѓу анкетираните најмногу има вработени во европските институции – 36 отсто, потоа стручњаци од приватниот сектор – 25 отсто.
Најмногу од анкетираните, или 37 отсто, очекуваат дека сегашниот претседател на Еропската комисија, Жан-Клод Јункер во 2019 година ќе го замени Мишел Барние, 15 проценти на оваа должност ја гледаат комесарката за пазарна конкуренција Маргарет Вестагр, а 13 отсто сегашната челничка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард.
На чело на Европскиот совет, наместо Доналд Туск, 25 отсто од испитаниците сметаат дека ќе дојде холандкиот премиер Марк Руте, а по него со 20 отсто доаѓа литванската претседателка Далиа Грубаускаите, и ирскиот премир Лео Варадкар со 13 отсто.
На должноста претседател на Европскиот парламент, наместо актуелниот Антонио Тајани најмногу шанси му се даваат на шефот на пратеничката група на европските „народњаци“ Манфред Вебер со 34 отсто, следува актуелната потпретседателка на ЕП, Ирката Мајерад Меккинис со 18 отсто и лидерот на либералите Ги Верховштад со 17 отсто.
Како наследник на сегашниот челник на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги, најмногу шанси има гувернерот на германската централна банка Јенс Вејдман со 33 отсто, Кристин Лагард добила 23 отсто, а пак 9 проценти има гувернерот на француската централна банка Франсоа Вилероа де Гало.
Истражувањето покажало и дека речиси половината од испитаниците сметаат дека Германија, најголемата и најбогатата членка на ЕУ, има најмногу влијание во европските институции. Речиси 47 отсто од анкетираните сметаат дека Германија има премногу влијание, со големи разлики во резултатите во зависност од каде доаѓаат анкетираните.
Околу 70 отсто од испитаниците од јужните членки на ЕУ – Грција, Кипар, Малта, Шпанија и Португалија и тие сметаат дека Германија е превлијателна, доека само 30 отсто од анкетираните од Германија и земјите на Бенелуск се согласуваат со ова тврдење.