Барнли го расипа враќањето на Кејн, Кристал Палас убедлив кај Лестер

Во последниот дуел од саботната програма до 27-то коло на англиската Премиер лига, Кристал Палас беше убедлив со 4:1 на гостувањето кај Лестер, а претходно уште еден клуб кој се извлекува од опасната зона – Барнли дома забележа успех и го совлада Тотенхем со 2:1.

Двоен стрелец за Кристал Палас беше Вилфред Заха во 70 и третата минута од судиското продолжение, а по еднаш погодика Митчу Батшуаи во 40 и Лука Миловојевиќ во 81 минута од пенал. Домашните иако само во првото полувреме имаа повеќе од десет шутеви на противничкиот гол успеаја само да израмнат на момент во 65 минута преку Џони Ивенс.

Кристал Палас од опасната зона напредува кон средината на табелата, и сега е 13-ти со 30 бодови, и ја намали бодовната разлика со Лестер Сити на само два бода место погоре.

Фудбалерите на Барнли покажаа против фаворизираниот Тотенхем дека се во добра форма, и воедно му го расипа во саботата враќањето на терените на Хари Кејн кој пропушто седум натпревари, победувајќи со 2:1.

Барнли поведе преку Крис Вуд во 58 минута, а Хари Кејн израмни осум минути подоцна, но во 84 минута домашните дојдоа до водството и победата со голот на Ешли Барнс.

Барнли првата половина од сезоната ја мина во зоната на испаѓање, но по Божикните дуели нанижа пет победи и три реми, и сега е 13-ти со 30 бодови. Тотенхем ја прекина серијата од четири последователни победеи се одржува на третата позиција со 60 бодови, девет повеќе од следниот Манчестер Јунајтед кој има меч помалку, но се оддалечува од водечката двојка Манчестер Сити и Ливерпул кои имаат по 51 бод, со тоа што „Редсите“ имаат и меч помалку.

Борнмут дома ремизираше со Вулверхемптон 1:1 а двата гола беа постигнати од белата точка. За домашните во 15 минута реализираше Џошуа Кинг а за гостите во 84 минута прецизен беше Раул Хименез.

Борнмут е 10-ти со 34 бодови, а Вулвехмептон е осми со 40 бодови, колку што има и седмиот Вотфорд кој во петокот на гости го победи Кардиф со 5:1, и го држи последното место кое води во Лига Европа.

Њукасл, кој и оваа сезона се бори за опстанок, на домашен терен го совлада веќе отпишаниот Хадерсфилд со 2:0. Стрелци беа Саломон Рондон во 46 и Ајоза Перез во 52 минута. Њукалс има 28 бодови на 15-то место, четири повеќе од местото кое води во втората лига, а Хадерсфилд е закован на дното со 11 бодови.

Во петокот Вотфорд со 5:1 го декласираше Кардиф Сити, а во недела на распоредот е најголемото дерби во англискиот фудбал во кое Манчестер Јунајтед е домаќин на Ливепрул, а уште се среќаваат Ареснал и Саутемптон.