Во последниот натпревар од неделната програма на 26-то коло од шпанското фудбалско првенство Барселона на својот „Кам Ноу“ беше убедлива против Атлетик Билбао со 4:0.
Пјер-Емерик Обамејанг во 37 минута со својот петти погодок во последните три натпревара ја круниса надмоќта на Барселона, а од незгодна позиција ја испрати топката во мрежата откако Жерат Пике со глава ја погоди стативата.
Барселона го контролираше мечот но во финишот тргна да ја обезбеди победата. Во 73 минута предноста ја удвои Усман Дембеле со одлучен удар откосо од левата страна на која беше и голмато Унаи Симон но малиот фелш ја смести топката во самиот горен агол. Во 90 минута за 3:0 со глава погоди од петерецот Лук де Јонг по одличното нафрлување на Дембеле, кој во третата минута од продолженито речиси од истото место го најде нововлезениот Мемфис Депај кому му преостана само да ја подметне ногата за 4:0.
Реал Сосиедад прд своите навивачи во Сан Себастијан со голот на Артиз Елистондо во 52 минута ја совлада Осасуна. Реал Сосиедад сега е седми со 41 бодв, додека Осасуна со 32 бодови е 11-та.
Севилја на својот „Санчез Пизхуан“ со 2:1 беше подобра од градскиот ривал Реал Бетис. Во 24 минута пенал реализираше Иван Ракитиќ. Подобрата игра во првиот дел домашните ја крунисаа во 41 минута кога голманот Боно долго дегажираше до Мунир Ел Хадиди, кој влезе во 30 минута наместо повредениот Аргентинец Алехандро Гомез, а мароканскиот напаѓач откосо од левата страна велзе во шеснаестникот и го погоди спротивниот агол. Бетис беше поопасен во вториот дел но успеа да постигне само еден гол, и тоа во четвртата минута од судиското продолжение а стрелец беше Серхио Кањалес од одлично изведен удар од над 20 метри.
Севилја со 15-та победа сезонава има 54 бодови и се задржа на шест бодови зад водечкиот Реал Мадрид, додека Бетис со 46 бодови остана на третото место со осум бодови помалку од градскиот ривал. На четвртото место се искачи Барселона со 45 бодови, колку што има и Атлетико Мадрид но со натпревар повеќе.
Шести на табелата е Вилјареал со 42 бодови кој со убедливи 5:1 го победи Еспањол. Четири голови за домашните постигна 19-годишниот играч од средниот ред Јереми Пињо. Младиот играч првиот пат ја затресе притивничката мрежа во 14 минута со удар со глава, а другите три ги постигна со удари со нога. На 2:0 зголеми во 20 минута, „хет-трикот“ го оствари во 45 минута, Веќе во 53 минута го постигна и четвртиот погодок, а вкупно деветти во дресот на Вилјареал во оваа и минатата сезона во Примера. Во 65 минута Еспањол намали преку Каиди Баре, а петтиот гол за домашните дојде во 86 минута преку Булаи Диа.