Барса го промовираше Ханси Флик за наследник на избрканиот Чави!

Германскиот стратег, Ханси Флик, денеска и официјално беше промовиран како нов тренер на Барселона, каде што ќе го замени Чави, кого Каталонците прво го молеа да остане, а потоа го отпуштија.

Станува збор за 59-годишен германски стручњак, кој потпиша договор до летото 2026 година, а на клупата го наследи Чави, кого Каталонците прво го молеа да остане, а потоа му врачија отказ. Флик е назначен за нов тренер зашто негува висок пресинг, интензивен и смел стил на игра што му донесе голем успех на клупската и меѓународната сцена, се вели во соопштението на каталонскиот клуб.

Германецот ја започна својата тренерска кариера како играч-тренер во 1996 година, а четири години подоцна го презеде Хофенхајм. каде што остана пет сезони пред да се пресели во Салцбург каде беше член на стручниот штаб. Во 2006 година стана помошник тренер на Јоаким Лев во германската фудбалска репрезентација и заедно играа финале на Евро 2008, полуфинале на СП 2010, полуфинале на ЕП 2012, а потоа две години подоцна ја освоија светската титула во Бразил.

Тој во 2017 година се врати во Хофенхајм како спортски директор, а две години подоцна пристигна во Баерн, каде ја имаше улогата на помошник на Нико Ковач. Откако поранешниот хрватски селектор доби отказ, Флик беше промовиран во тренер на првиот тим. Сезоната ја заврши со освојување на тројната круна, а посебно за паметење е неговото уништување на Барселона (8-2) во Лигата на шампионите.