Сагата околу неговиот премин од Кил во Барселона заврши успешно – за “каталонците”. <em>Барса и официјално потпиша со еден од најдобрите бекови во Европа</em>, со што успеа да го засили и онака супермоќниот тим со кој веќе располага.
Јиха ќе ја пополни празнината која настана по заминувањето на Никола Карабатиќ во ПСЖ, а иако прва опција беше Момир Илиќ, сепак тој трансфер беше неуспешен, по што стана јасно дека Барса со сите сили ќе тргне во потера по чешкиот голгетер. Долго време проблем за овој трансфер преставуваше финансискиот дел, сепак и тој детал беше среден, па од денес Јиха ќе им се приклучи на Кире Лазаров и соиграчите.
Филип е фантастичен спортист што го остави срцето на терен на секој меч што го играше за нашиот клуб. Кога побара да си замине се обидовме да го разубедиме, но кога увидовме дека тоа не е возможно решивме да не му стоиме на патот, се вели во соопштението на Кил.
Самиот ракометар не го криеше задоволството што станува член од каталонскиот гигант, каде во последните неколку години со голем успех настапува и Кире Лазаров.
Бескрајно сум благодарен што осум години играв за гигант како Кил, за кој секогаш ќе ме врзуваат само најубави спомени. Сепак, чувствував дека ми е дојден моментот за нов предизвик во кариерата, а Барселона ќе ми овозможи да минувам повеќе време со семејството, како и побрза регенерација со оглед на фактот дека темпото на играње во Германија е далеку попеколно отколку во Шпанија. Им благодарам на челниците на Кил што најдовме решение од кое се задоволни сите, истакна Јиха.