Барса потроши 86.2 мил. евра за трансферот на Неимар

Новиот претседател на каталонскиот гигант Барселона, Жосеп Мариа Бартомеу, најпосле откри колку актуелниот шампион на Шпанија има потрошено евра за да го реализира трансферот на бразилскиот интернационалец Неимар.

„Сакам да бидам јасен. Барса одвои 57 мил. евра за обештетувањето на Неимар. Сепак целиот трансфер не чинеше 86.2 мил. евра. Потрошивме 57 мил. евра за неговото обештетување, од кои 17 мил. евра завршија на сметката на Сантос, а 40 мил. евра доби неговиот татко. Со тоа што ја прифати понудата на Барселона, Неимар заработи 10 мил. евра. Плативме данок од 2.7 мил. евра, плативме 4 мил. евра за маркетинг, одвоивме 2.5 мил. евра за неговата фондација и плативме 9.9 мил. евра на сите скаути и на сите кои беа дел од трансферот на Неимар”, изјави Бартомеу.

Првиот човек на каталонскиот гигант откри дека имало уште еден клуб кој бил подготвен да одвои далеку поголема сума за услугите на бразилскиот интернационалец.

„Сите го заборавија фактот дека Неимар ја прифати понудата на Барселона иако доби уште поприфатлива, побогата понуда од еден друг клуб. Му понудија далеку поголема годишна плата, но Неимар сакаше да игра за Барселона. Таткото на Неимар ми покажа документ на кој јасно се гледа дека заинтересираниот клуб му нуди зараотувачка од 60 мил. евра. Нема да кажам за кој клуб станува збор, но сите знаеме кои клубови се најбогати во Европа”, изјави Бартомеу.