Фудбалерите на Барселона го продолжија стопроцентниот ефект во шпанското првенство и по 7-то коло откако со 3:0 (0:0) пред својот празен стадион го совладаа Лас Палмас во натпреварот одигран во напната атмосфера во градот поради забранетиот каталонски референдум за независност и безредијата.
Поради судирите меѓу граѓаните и полиција во цела Каталонија поради изјаснувањето за отцепување од Шпанија, првично беше објавено дека натпреварот може да биде одложен. Меѓутоа, Барселона која бараше одложување пропушти пред притисоците од шпанската фудбалска организација и одлучи да го одигра мечот, но без присуство на гледачи.
Пред „Камп Ноу“ се собраа десетици илјади навивачи кои до последниот момент се надеваа дека сепак ќе бидат пуштени на трибините, но тоа не се случи.
Барселона успеа да го скрши отпорот на Лас Палмас дури во второто полувреме, и тоа се чини во вистинскиот момент кога Серхио Бусект во 48 минута со глава го искористи корнерот што го изведе Лионел Меси. Победата ја завери аргентинскиот ас кој претходно не реализираше неколку добри шанси, но беше прецизен во 70 и 77 минута.
Барселона останува на врвот од Ла Лига со максималните 21 бод, пет повеќе од второпласираната Севилја.