
Фудбалерите на Барселона во 19-то коло од шпанското првенство во саботата минимално славеа на гости кај Жирона со 1:0 и ја зголемија предноста на табелата.
Радоста поради петнаесеттата победа и потврда на водството на табелата на Примера, во добра мера ја засени повредата на Усман Дембеле. Францускиот напаѓач мораше да го напушти теренот во 25 минута поради болки во мускулите на левата нога, а ова му е првата повреда откако на тренерската позиција дојде Чави Ернандез во ноември 2021 година.
Барселона имаше доста проблеми во нападот по излегувањето од игра на Дембеле, бидејќи од тимот отсуствуваа Феран Торес и Робер Левандовски. Голот го постигна практично од единствената шанса кога во 61 минута Педри го искористи додавањето на Жорди Алба и лошата интервенција на домашниот голман Паило Газинига.
Барселона следната седмица повторно ќе се соочи со два теста. На 1-ви февруари игра заостанат првенствен дуел на гости кај Реал Бетис, а следната недела ќе ѝ биде домаќин на Севилја.
Барселона во моментов има 47 бодови, шест повеќе од второпласираниот Реал Мадрид кој има и меч помалку а девет повеќе од третиот Реал Сосиедад. Жирона моментално е 12-та со 21 бод.
Минимална гостинска победа од 1:0 впиша и Реал Бетис кај Хетафе. Погодокот вреден важни три бода го постигна Борха Иглесијас од пенал четири минути пред крајот на мечот. Бетис сега е шести со 31 бод, а Хетафе е 17-ти со 17 бодови и е во зоната на испаѓање.
И другиот клуб од Севилја во вторникот оствари победа. Фудбалерите на Севилја на својот терен со 3:0 го совладаа Елче. Стрелци за домашните беа Мароканецот Јусеф ен Несри во 29 и во третата минута од судиското продолжение на мечот, а во 43 минута гол постигна и Маркос Акуња. Елче од 41 минута играше со играч помалку откако директен црвен картон му беше покажан на Педро Бигас.
Севилја со само петтата победа сезонава моментално е 13-та со 21 бод, а Елче без ниедна победа остана закован на последното 20-то место со само осум бодови и практично само со теоретски шанси засега да избори опстанок во елитата, бидејќи заостанува девет бодови од најблиските конкурентите.