Барселона ја потврди тешката повреда на својот фудбалер, 19-годишниот Гави, кој на квалификацискиот натпревар меѓу Шпанија и Грузија ги скина вкрстените лигаменти на десното колено.
Во понеделникот Гави беше подложен на дополнителни медицински тестови, а неговиот клуб објави дека фудбалерот ќе биде опериран оваа седмица. Барселона не објави колку време Гави поради тоа ќе биде надвор од фудбалот, но многу често ваквите повреди, операцијата и опоравувањете значат најмалку половина година пауза за спортистот.
Затоа Гави е загубен до крајот на клупската сезона, а под знак прашалник е и неговиот настап на Европското првенство следната година во Германија.
Гави дебитираше за Барселона на 17 години, а вкупно на 111 настапи постигна седум гола и додаде 13 асистенции. За репрезентацијата на Шпанија, која претходно обезбеди настап на ЕУРО 2024, одигра 27 натпревари и досега постигна пет гола.
Барселона моментално е трета во Ла Лига, има четири бодови помалку од лидерот Жирона и два помалку од Реал Мадрид.