Барселона ги продава шкафчињата на своите минати ѕвезди

Фудбалскиот клуб Барселона ги понуди на продажба преку аукција шкафчињата од соблекувалната на стадионот „Камп Ноу“.

Најскапото шкафче број 10 понудено на аукцијата му припаѓа на аргентинскиот напаѓач Лионел Меси, со почетна цена од 350.000 долари. Шкафчињата со бројот 3, на Жерар Пике и Пеп Гвардиола по 200.000 долари. Број 10, Роналдињо Гаучо, 100.000 долари. Број 11, Нејмар Јуниор, Роналдо Луис Назарио, Хуан Роман Рикелме, 40.000 долари, а можете да се добие и  шкафчето на Тиери Анри за само 20.000 долари.

Најевтините шкафчиња, вклучувајќи ги и оние на напаѓачот Усман Дембеле, голманот Клаудио Браво или халфот Јон Андони Гоикоечеа од 1990-те, чинат 2.500 долари.

Барселона, моментално третопласирана екипа во шпанското првенство, го реновира својот стадион, што вклучува и ослободување од старите шкафчиња. Тие ќе се продаваат од 23-ти јануари до 14-ти февруари на аукција преку компанијата Goldis.

На веб-страницата на компанијата е наведено дека почетната цена за шкафче со бројот 4, кој беше бројот што Ракитиќ го носеше на својот дрес, е 15.000 долари. На промотивната страница на аукцијата беше објавена и негова фотографија од соблекувалната. Хрватскиот играч за врска, кој сега настапува за сплитскиот Хајдук, со Барселона освои 13 титули, а за каталонскиот клуб одигра 310 натпревари. Ова го прави четвртиот странец во историјата на клубот по бројот на настапи по јужноамериканските играчи Хавиер Маскерано, Дани Алвеш и Лионел Меси.

Барселона продава и врамени тимски фотографии, како онаа од 2015 година кога тимот ја освои Лигата на шампионите, по почетна цена од 2.500 долари. Тие фотографии беа во ходникот на стадионот. Корнер знаменцата, исто така, се понудени на аукција, со почетна цена од 2.500 долари.

Барселона моментално го реновира стадионот „Камп Ноу“, кој во иднина би требало да биде помодерен и да има капацитет од 105.000 седишта.

Клубот претходно најави продажба на ВИП-местата на реновираниот стадион на странски инвеститори со цел да се генерираат дополнителни приходи потребни за балансирање на трошоците и приходите. Организаторот на шпанското првенство Ла Лига оцени дека трошоците за плати на играчи значително ги надминале приходите, па на 1-ви јануари ги поништи регистрациите на играчите Дани Олмо и Пау Виктор кои беа доведени во клубот летово.

Барселона се жалеше и побара на овие играчи да им бидат издадени нови регистрации за да можат да играат во остатокот од сезоната. Високиот совет за спорт (CDS), државен орган чиј суд ги решава споровите во шпанскиот спорт, во средата привремено им одобри регистрации до конечното решавање на спорот меѓу каталонскиот клуб и Ла Лига.