Шпанската полиција во средата вечерта упадна во канцелариите на каталонската влада и ги уапси тамошните функционери за да го запре забранетиот референдум за независноста на најбогатата шпанска покраина, а претседателот на Каталонија оцени дека со овој потег Мадрид всушност ја суспендира каталонската автономија гарантирана со шпанскиот устав, додека шпанскиот премиер уште еднаш повика на откажување на референдумот.
Стотици демонстранти се собраа пред канцеларијата на регионалната влада во центарот на Барселона, веејќи ги црвено-жолтите каталонски знамиња, со повиците „Окупациските сили надвор“ и „Каде е Европа“.
„Шпанската држава всушност ја суспендира автономијата на Каталонија и воспостави вонредна состојба. Ги осудуваме и отфрламе недемократските потези на шпанската држава“. изјави каталонскиот претседател Карлес Пуждемон во телевизиското обраќање и порача дека без оглед на тоа Каталонците би требало во голем број да се појава и да гласаат на референдумот од 1-ви октомври за отцепување од Шпанија.
Шпанската полиција упадна во зградите на министерствата за економија, внатрешни и надворешни работи, за социјални прашања, за телекомуникации и во даночните одделенија. Полицијата го уапси и заменикот каталонски министер за економија, Жозеп Марија Жове, во текот на претресот на зградата на регионалната влада, во пресрет на забранетиот референдум.
Тензиите меѓу Барселона и Мадрид се продлабочија изминатите две седмици поради подготовките на челниците на оваа богата североисточна покраина за референдумот на 1-ви октомври за отцепување на Шпанија.
Еден од најтиражните светски дневни весници El Pais пишува дека се уапсени вкупно 14 лица.
Шпанската полиција претходно во вторникот запленила повеќе од 45.000 пакети пакувани во картонски кутии со коишто каталонската влада имаше намера да ги извести граѓаните во регионот за одржувањето и за целите на референдумот.
Во вторникот, исто така, многубројни каталонски градоначалници беа присилени да се појават пред државните обвинители откако се обвинети за поддршка на референдумот чиешто одржување централната влада во Мадрид го забранува.
Рахој повикува на откажување, Барселона бара посредување на кралот
Шпанскиот премиер Маријано Рахој ги повика во средата каталонските лидери да го откажат планираниот референдум за одвојување на Каталонија, бидејќи според неговата оцена и пресудата на шпанскиот Уставен суд е спротивен на шпанските закони кои дозволувале плебисцитарно изјаснување на целата територија на земјата.
„Немојте да одите натаму со тоа. Вратите се на законот и демократијата. Овој референдум е грешка“, рече Рахој во обраќањето коешто доцна ноќата кон четвртокот го пренесуваше телевизијата. Ги повика и каталонските челници да ја запрат „ескалацијата на радикализмот и непослушност“. „Се уште има време да се избегнат поголеми проблеми“, рече Рахој додека на улиците на Барселона илјадници протестираа против мерките на неговата влада во однос на референдумот.
Каталонските сепаратисти претходно седмицава го повикаа шпанскиот крал Фелипе Шести да посредува во судирот со централната влада во Мадрид којашто петнаесетина дена пред планираниот референдум за независност ги засили финаниските инспекции на ова покраина за да го спречи финансирањето на референдумот со јавни пари. Тие во писмото повикаа на „отворен дијалог без условувања“ за да се постигне договор за референдумот.
Одговарајќи на барањето на централната влада во Мадрид, шпанскиот Уставен суд го прогласи незаконски референдумот најавен за 1-ви октомври. Регионалната влада на Каталонија предводена од претседателот Пуждемон, сепак продолжува со подготовките за изјаснувањето.
Градоначалничката на каталонската престолнина Барселона, Ада Колау, го потврди дописот испратено до кралот и рече дека копија од него е испратена до премиерот Рахој. „Неопходно е политичко решение“, рече Колау. Таа, поранешна активистка против исфрлувањето на улица на оние коишто поради големата финансиска криза којашто ја зафати Шпанија пред неколку години не можеа да им ги исплаќаат на банките кредиите, посочи дека Рахој на крајот нема да може да го избегне дијалогот.
Шпанските и механизмите на ЕУ
Рахој, откако стана премиер, многупати повтори дека нема да дозволи референдум, бидејќи тој не бил во согласност со уставот на земјата. Државното обвинителство се закани со правен процес против сите коишто ќе го промовираат референдумот откако го забрани Уставниот суд.
Шпанската влада донесе механизам со којшто ги контролира палаќањата во Каталонија откако претходно каталонската администрација го извести шпанското министерство за финансии дека го прекинува испраќањето и примањето на извештаите за сторените трошоци. Мадрид уште во јули побара седмични извештаи од каталонската влада за расходите за да се увери дека јавните пари не одат за организрање на референдумот.
„Не ги преземавме надлежностите на Каталонија, но со тоа се осигуруваме дека ниедна уплата нема да оди на незаконски активности или се во спротивност со стабилноста на Буџетот. Тоа е затоа што не можеме да им веруваме на властите коишто го кршат законот“, изјави шпанскиот министер за финасии Кристобал Монторо.
Независна Каталонија би морала да поднесе одново барање за членство во Европската унија, порача претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
„Доколку биде изгласана независност на Каталонија, ние ќе го почитуваме тоа мислење. Но Каталонија нема да може да биде членка на ЕУ ден по таквото гласање“, изјави Јункер. Истакна дека секоја земја којашто ќе прогласи мора да ги следи истите процедури за пристапување на ЕУ како и другите земји кандидати, наведувајќи ја како пример Шкотска и во, шега, неговата татковина Луксембург. „Кога северен Луксмебург би се отцепил од јужен, би важеле истите правила“, додаде.
Каталонија ќе добие поголема атономија, но не и независност
Во повеќегодишниот судир меѓу Барселона и Мадрид кај аналитичарите преовладува мислењето дека тој ќе биде разрешен со отстапување на поголема автономија за Каталонија, но не и здобивање на целосна автономија, што покрај политички, би имало и крупни економски импликации особено во ЕУ. Така, бонитетната агенција Moody’s неодамна на своите коминтентни им испрати процена во којашто се потврдува ваквата процена.
„Нашата процена е дека Каталонија и натаму ќе биде дел од Шпанија. Има многу препреки за постигнување независност, меѓу кои се цврстото противење на централната влада како и правните и уставните мерки, како и анкетите според кои поддршка за отцепувањето се под потребното мнозинство“, се наведува во известувањето на агенцијата.
„Дури и доколку се продолжи со референдумот и победат поборниците на независноста, недостигот од правна основа и изостанувањето на потребниот одѕив веројатно ќе го поткопаат неговиот легимитет“, наведуваат аналатичарите на Moody’s, Сара Карлсон и Марисол Бласкез.
Законот за референдумот за самопределување, којшто во првата седмица од септември го потврди каталонскиот парламент, не одредува колкав процент од населението треба да излезе за изјаснувањето да биде валидно. Законот пропишува дека независноста на Каталонија ќе биде потврдена доколку бројот на гласовите во полза на независноста ги надмине оние кои се спротиставуваат на тоа. Доколку победат приврзаниците на отцепувањето, каталонската влада има намера да прогласи Република Каталонија.
Шпанската влада на десниот центар на премиерот Маријано Рахој презема низа правни мерки за да го спречи одржувањето на референдумот. Шпанскиот Уставен суд наведе дека референдумот е спротивен на највисокиот закон и ги предупреди јавните службеници на можни последици доколку учествуваат во организрањето на плебисцитот
Агенцијата Fitch смета дека и покрај високите тензии меѓу Мадрид и Барселона, кои во кус рок оневозможуваат постигнување договор за поголема автономија на овој североисточен шпански регион, постои реална опција за таков договор.
Имајќи го предвид притисокот на поборниците на независноста изгледно е дека централната власт ќе пренесе дел од надлежностите на регионалната влада. Преовладува мислењето дека во рамкитие на изнаоѓање решение, каталонската влада ќе го добие она на што најмногу се инсистираше во Каталонија, во прв ред во областа на фискалната политика и регионалото финансирање. Шпанија веќе е една од најдецентрализираните земји во ЕУ во термините за издвојување на јавниот сектор иако според надлежностите над собирањето на даноците е меѓу најцентрализираните, сметаат аналитичарите.
Бонитетната агенција Fitch наведува дека од 2012 година Каталонија примила од централната влада 68,5 милијарди евра преку различни механизми, во прв ред преку фондот за автономна ликвидност FLA формиран истата година. Во Каталонија живеат 7,5 милиони од вкупно 46,5 милини жители на Шпанија, и учествува со една петтина во бруто домашниот производ (БДП), што ја прави една од најбогатите региони. Зајакнувањето на тензиите би можело да ја загрози кредитната оцена за долгот на покраината, но и да се одрази врз шпанскиот кредитен рејтинг.