Фудбалерите на Барселона по рекорден 14-ти пат победија во националниот Суперкуп, откако во финалето во неделата во Ријад на стадионот „Крал Фахд“ пред 60.000 гледачи го победија најголемиот ривал мадридски Реал со 3:1.
Ова беше 39-то издание на шпанскиот Суперкуп, при што четвртото кое се одржува како „мини турнир“ со четири екипи, а трето кое се играше во Саудиска Арабија.
До 2019 година шампионот и освојувачот на купот се бореа за трофејот на победникот во Суперкупот, како и во повеќето земји. Сепак, од јануари 2020 година во битката за трофејот учествуваат четири екипи. Првиот Суперкуп во новиот формат се одржа во 2020 година во Џеда, а славеше Реал Мадрид. Потоа турнирот се одржа во Севилја кога славеше Атлетико Мадрид, додека минатата година Реал Мадрид победи во Ријад.
Овојпат славеше Барселона. Каталонците во полуфиналето влегоа преку подоброто изведување на пеналите откако одиграа 2:2 со Реал Бетис, а Реал Мадрид, исто така, по пенали по 1:1 го елиминираше тимот на Валенсија.
Барселона поведе сосема заслужено, беше доминантна и доколку на голот на Реал не го имаше расположениот Тибо Куртоа поразот на актуелниот европски првак можеше да биде и поубедлив.
Каталонците поведоа во 33 минута, кога Усман Дембеле од десно крило го проигра Роберт Левандовски кој веднаш играше до Гави а овој елегантно поентираше за 1:0. Во самата завршница на првиот дел Левандовски зголеми на 2:0, по одличен контранапад на Барселона, и кога Гави и Полјакот ги заменија улогите како реализатори.
Одлична шанса на отворањето на вториот дел имаше и Дембеле кој излезе сам пред Куртоа, но белгискиот голман одлично реагираше Сите дилеми околу победникот ги разреши Педри во 69 минута кога по нова асистенција на Гави зголеми на 3:0.
Играта на Реал најдобро ја илустрира податокот дека првиот удар во рамките на голот на Барселона неговите играчи го изведоа дури во 70 минута, кога шутираше Тони Крос, но Марк-Андре тер Штеген беше подготвен и лесно одбрани. Во последните моменти од дуелот Карим Бензема намали на 1:3//
Барселона е рекордер со 14 титули во шпанскиот Суперкуп, Реал Мадрид остана на 12 титули, додека Атлетик Билбао и Депортиво Ла Коруња славеа по трипати. Атлетико Мадрид има две титули, а Валенсија, Сарагоса, Севилја, Мајорка и Реал Сосиедад по една.