Фудбалскиот клуб Барселона ќе поднесе барање преку шпанското државно регулаторно тело за спорт за дозвола за Дани Олмо и Пау Виктор да продолжат да играат за каталонскиот клуб, откако нивните регистрации беа одземени, изјави во саботата менаџерот на Барселона .
„Ќе поднесеме жалба до Вишиот совет за спорт (CSD)“, потврди во телефонска изјава за хрватската новинска агенија Hina, портпаролот на каталонскиот клуб Ксавиер Серано.
CSD е дел од шпанското Министерство за спорт и има суд надлежен за спорови од областа на спортот.
Претходно во текот на денот, раководството на Ла Лига соопшти дека 26-годишниот офанзивец Олмо и 23-годишниот напаѓач Виктор не можат да играат за Барселона до крајот на сезоната, бидејќи нивната регистрација истечела пред три дена.
„Претседателот (Жоан Лапорта) разговараше за тоа со двајцата“, рече портпаролот Серано без да ја открие содржината на разговорот.
На списокот на играчи на Барселона ги нема Олмо и Виктор, кои од 19 часот го играат натпреварот од Купот на кралот против нисколигашот Барбастро.
Барселона летово ги донесе Олмо од германски РБ Лајпциг и Виктор од соседна Жирона, но Ла Лига ги регистрираше само до 1-ви јануари. Потоа ја извести Барселона дека ќе ја продолжи нивната регистрација само доколку клубот ги зголеми приходите за тие да соодветствуваат со трошоците, меѓу кои се и трошоците за платите на фудбалерите.
Правилник за балансиран бизнис, т.н „финансиски фер-плеј“, постои за клубовите да не дојдат во ситуација на можен банкрот поради големи долгови или прекумерно трошење.
Барселона преговараше со странски инвеститори за продажба на ВИП места на реновираниот стадион „Камп Ноу“, но Ла Лига на 31-ви декември објави дека не добила документација за новите приходи на клубот и следниот ден ги избриша Олмо и Виктор од регистарот.
Барселона тогаш побара од Шпанската фудбалска федерација нова регистрација, бидејќи зимскиот преоден рок трае до 1-ви февруари, а дотогаш ќе ја испрати целата документација во Ла Лига. Но, според прописите на Шпанската фудбалска федерација, ист играч не може да биде пријавен двапати за ист клуб во една сезона освен во „случај на виша сила“.
Во саботата, комисијата на Ла Лига и Шпанската фудбалска федерација се состанаа и потврдија дека не се работи за виша сила. Затоа, Олмо и Виктор не можат да играат за Барселона до крајот на сезоната, и покрај тоа што имаат договори со клубот до летото 2030 година и летото 2029 година.
Извор близок на Олмо во саботата изјави дека не знае што ќе се случи сега, бидејќи Барселона „има повеќе опции“ да ја реши ситуацијата. Олмо, кој летово го освои Европското првенство со репрезентацијата на Шпанија, за Барселона забележа 15 настапи со шест гола и една асистенција.
Каталонецот ја започна својата кариера во младинската академија на Барселона, а потоа помина шест години во Динамо Загреб, од каде во јануари 2020 година замина во Лајпциг. По враќањето во Барселона ова лето изјави дека „сонот му се оствари“.