„Каталонците“ за само три дена потпишаа со дури седуммина нови кошаркари, што е навистина фантастичен подвиг.
По Шејн Лавал, Муса Диањ, Самардо Семјуелс и Родионс Курукс, во текот на вчерашниот ден раководството на Барса договори уште тројца кошаркари. Стратос Перпероглу веќе потпиша, Карлос Аројо се очекува да стигне денеска, а најново засилување е шпанскиот репрезентативец Пау Рибас. Тој доаѓа од Валенсија, потпиша договор на три сезони и во тој период ќе игра за клубот од градот каде што е роден. Во својата кариера, беше член на Каха Лаборал, Прат и Хувентуд, а би требало да му биде конкуренција на Томас Саторански. Претходно, Барселона го ангажираше и МВП-то на грчкото првенство, Александар Везенков што значи дека во новата сезона ќе влезе со најмалку осуммина нови кошаркари.
Од каталонскиот гигант, досега си заминаа само Хезоња и Плајс кои ќе продолжат во НБА лигата, но се шпекулира дека Блауграна ќе ја напуштат уште Марселињо, Лампе и Олесон.