Барселона планира да ги затвори сите апартмани за туристи до 2028-та

Барселона во петокот објави дека ќе забрани издавање апартмани на туристи до 2028 година, со што сака да го спречи растот на трошоците за домување и да им овозможи на граѓаните да живеат во својот град.

Левичарскиот градоначалник на градот, Жауме Колбони, рече дека до ноември 2028 година, Барселона ќе ги одземе лиценците на 10.101 апартмани кои во моментов се лиценцирани за краткорочно изнајмување.

„Се справуваме со она што го сметаме за најголем проблем на Барселона“, рече Колбони на настан на градската влада.

Краткорочниот бум на изнајмување во Барселона, најпосетуваниот град во Шпанија, остави некои граѓани да не можат да си дозволат кирија откако наемнините се зголемија за 68 отсто, а цените на недвижностите за 38 отсто во изминатите десет години, посочи Колбони. Пристапот до домување стана двигател на нееднаквоста, особено за младите луѓе, додаде тој.

„Тие 10.000 станови ќе ги користат граѓаните или ќе завршат на пазарот за изнајмување или продажба“, рече градоначалникот.

Локалните власти најавија строги инспекции кога забраната ќе стапи на сила.

Во последните десет години, локалните власти воведоа ограничувања за краткорочно изнајмување на Канарските Острови, Лисабон и Берлин.

Социјалистичката министерка за домување на Шпанија, Изабел Родригез, рече дека ја поддржува одлуката.

„Станува збор за правење сè што е потребно за да се гарантира пристап до прифатливи станови“, објави таа на X.

Airbnb, платформата за изнајмување станови како туристички апартмани, не одговори на барањето за коментар на Reuters.

„Колбони прави грешка што ќе доведе до сиромаштија и невработеност“, соопшти асоцијацијата за изнајмување на туристички станови во Барселона APARTUR, додавајќи дека забраната ќе доведе до зголемување на нелегалните изнајмувања на апартмани..

Одлуката ќе биде од полза за хотелите. Крајно левичарската партија која владееше со Барселона од 2015 до 2023 година забрани отворање нови хотели во најпопуларните области во градот, но Колбони навести дека може да ги ублажи ограничувањата. Од хотелската асоцијација на Барселона не сакале да ја коментираат веста.