Барселона славеше на мадридски „Бернабеу“

Во првиот натпревар од полуфиналниот шпански фудбалски Куп на кралот, Барселона на „Сантијаго Бернабеу“ во четвртокот вечерта со 1:0 го совлада Реал Мадрид а реваншот ќе се игра на 5-ти април на „Камп Ноу“.

Откако Барселона веќе го освои шпанскиот Суперкуп а во Примера има значителни седум бодови предност пред Реал, Купот на кралот е третиот домашен „фронт“ на кој севкупно Каталонците би можеле да бидат подобри од најголемиот ривал.

Натпреварот беше цврст и тврд, во одредени моменти и нервозен и без премногу вистински шанси за погодок., а средбата ја реши автоголот на Едер Милитао во 26 минута.

Ова беше 252-то натпреварувачко „Ел Класико“ а трето оваа сезона. Во октомври лани Реал во првенството славеше со 3:1, но Барселона во јануарското финале на Суперкупот возврати со ист резултат, а вечерва Каталонците славеа со 1:0. А до крајот на сезоната претстојат уште две пресметки на истите ривали и тоа на „Камп Ноу“, во првенството на 19-ти март и во реваншот од купот на 5-ти април.

Реал поактивно го отвори натпреварот и веќе во 12 минута беше виден првиот погодок на мечот, но радоста на домашните навивачи кусо траеше, бидејќи стрелецот Карим Бензема беше во офсајд. Три минути подоцна повторно се закани францускиот напаѓач, но неговиот удар беше блокиран од гостинската одбрана.

Барселона поведе во 26 минута, практично од првата вистинска шанса на натпреварот. Гостите му ја одземаа топката на Камавинга, Торес додаде до Кеси кој влезе во шеснаесетникот и шутираше, Тибо Куртоа одбрани но топката го погоди Едер Милитао и низ нозете на Начо влезе во голот. Судиите првично означија офсајд позиција, но ги коригираше ВАР-от и по проверката беше утврдено дека се работи за регуларен погодок. До крајот на првиот дел Реал се трудеше, но не успеваше посериозно да го загрози голот на гостите.

Првото возбудување во продолжението се случи во 49 минута, кога Винисиус Жуниор шутираше но неговиот удар беше блокиран. Три минути подоцна се закани Камавинга но топката заврши далеку над голот на Барса. Во 53 минута Дани Карвахал упати опасно нафрлување пред гостинскиот гол, но Марк-Андре тер Штеген беше подготвен. Реал во тој период доминираше и притискаше, но без конкретна завршница.

Барселона првата шанса во вториот дел ја создаде во 72 минута, кога Френк Кеси се најде во добра позиција но погоди во соиграч. Новото возбудување следеше во 79 минута, но ударот на Лука Модриќ со лизгачки старт беше блокиран од обраната на Барса. Последната шанса Реал ја имаше во 90 минута кога шутираше Родриго, но само крај гостинскиот гол.

Досега Реал и Барселона 12 пати играле меѓусебно во полуфиналето на Купот на кралот. Според хроничарите на „Ел Класико“, можеби едно од најинтересните полуфиналиња во Копа дел реи е одиграно во 1916 година, кога Реал Мадрид и Барселона одиграле дури четири натпревари за пласман во финалето.

Во првиот дуел Барселона славела со 2:1, но Реал возвратил со триумф од 4:1. Според тогашните правила не се пресметувала разликата во погодоци, а бидејќи секоја екипа имала по една победа се играл и трет натпревар. Тоа бил фантастичен дуел кој по продолженијата завршил со резултат 6:6, а Реал израмнил во 119 минута со погодокот на Сантијаго Бернабеу. Бидејќи и на тој меч немало погодок, а победникот не се решавал според тогашните правила со пенал-рулет се одиграл и четвртиот дуел во кој Реал славел со 4:2 по продолженијата. А подоцна во финалето Реал Мадрид бил декласиран од Атлетик Билбао со 0:4.

 

Во втората полуфинална двојка Осасуна во средата на домашен терен го совлада токму Атлетик Билбао со минимални 1:0. Единствениот погодок го постигна 21-годишниот марокански напаѓач Езалзули кој на почетокот од вториот дел, во 47 минута го совлада Агиразабала. Реваншот ќе се игран на стадионот „Сан Мамеш“ во Билбао на 4-ти април.