Фудбалерите на Барселона во мечот од 35-то коло на шпанската Примера со уверливи 3:0 славеа на гостувањето кај градскиот ривал Еспањол, откако претходно Реал Мадрид со 2:1 дома ја совлада Валенсија, а Атлетико Мадридкако гостин го потопи Лас Паламс.
По бледото прво полувреме коешто заврши без голови, Барселона во вториот дел го покажа своето вистинско лице, кога Луис Суарез погоди во 50 и 87 минута, додека Иван Ракитиќ во 76 минута.
Претходно Реал Мадрид со 2:1 ги освои трите бода против Валенсија. Мадриѓаните поведоа преку Кристијано Роналдо во 27 минута, но гостите преку Парехо во 82 минута го изедначија резултатот. Сепак, Марсело по четири минути го постигна победничкиот гол, со кој „кралевите“ ја зачуваа шансата бодовно да се одлепат од Каталонците, имајќи предвид дека имаат натпревар помалку.
Атлетико Мадрид на гостувањето кај Лас Палмас го демонстрираше раскошот на талентот на неговите играчи и фудбалската моќ. Во ниту еден момент домашните фудбалери не можеа да парираат, а стрелци за „јорганџиите“ беа Гамерио во 2 и во 18 минута, една минута претходно стрелец беше Саул Нигуез, а потоа во вториот дел Томас во 71 и Торес во првата минута од судиското продолжени ја запечатија судбината на Лас Палмас.
Во четвртиот меч од саботната програма на шпанското првенство, Реал Сосиадад со 2:1 беше подобар од Гранада. Стрелци за домашните беа Вела во 45 и Жуанми во 84, а за гостите прецизен беше Рамос во 65 минута.
Со победата Барселона се врати на чело на првенствената табела, со еднаков број бодови со Реал Мадрид – 81, но мадридскиот тим и покрај лошите споредбени показатели има и меч помалку. Десет бодови зад водечката двојка заостанува Атлетико Мадрид.
Реал Сосиедад со победата се искачи на шестата позиција која води во квалификациите за Лигата на Европа, додека неговата денешна жртва Гранада и теоретски ги загуби сите шанси да остане во Примера.