Башановиќ директно преговарал со грчката страна за промена на името, Заев и Димитров се согласиле и пред да дојдат на власт

Советникот на македонскиот премиер Зоран Башановиќ директно преговарал со Грција за промената на уставното име на Република Македонија, а премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров ја договориле промената на името уште пред да дојдат на власт, тврди Александар Николоски, потпретседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ во средата вечерта во емисијата „60 минути“ на телевизија Алфа,

Николоски го спомена фамозното славење на Нова Година на Заев во Солун каде требаше да присуствува и грчкиот премиер Ципрас, но сепак на крајот Заев ја помина вечерта со солунскиот градоначалник Бутарис.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека додека Заев бил во Солун, Ципрас славел Нова Година во Белград заедно со Зоран Башановиќ и го склопувал договорот со Грција. Според него дилот за промена на името е направен многу порано, а за возврат на Заев му се ветени многу работи.

Само пред неколку дена во своето гостување на телевизија Пинк 3 Инфо во емисијата „Правац“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ објави ексклузивна информација дека впрочем Зоран Башановиќ е главниот покровител на договорот за промена на уставното име на Република Македонија и врската помеѓу Заев и Ципрас.

„Сега имаме состојба каде, господинот Башановиќ е најплатениот советник во македонската Влада, тој наводно е најголемиот експерт кој ја советува Македонија. Според некои неофицијални информации, тој ја организира промената на името на Македонија. Според некои неофицијални информации, тој беше главната врска, посредник и контакт помеѓу Заев и господинот Ципрас, бидејќи е пријател и со двајцата и тој е оној кој го направи овој договор кој сега го имаме со Грција кој е тотална национална катастрофа за нас,изјави Николоски во емисијата „Правац“

Николоски натаму во интервјуто со новинарот Горан Момировски, истакна дека Заев и Димитров работеле на промена на името на Македонија уште пред тие да ја формираат владата.

„Јас мислам дека договорот бил направен порано“, вели тој.

Според Николоски, договорот бил направен одамна, а се работело на подготовка на јавноста, чекор по чекор за да го прифати овој договор кој тој го нарече „национална катастрофа“. Заев и Димитров, потенцираше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, презеле концесии со цел да го направат тоа што го направија, потикнати од центри на моќ кои ги донеле на власт.

Николоски забележа дека во јавноста кружеле информации дека Стево Пендаровски требало да биде министер за одбрана, а дека за Радмила Шекеринска било резервирано министер за надворешни работи, името на Никола Димитров никаде не било споменато за позицијата министер за надворешни работи, а тоа значи дека неговото име било сугерирано од некој друг со цел потпишување на договорот за промена на името.

Заклучи дека Заев и Димитров ги напушиле официјалните државни позиции за името од 2008 година кои биле постигнати со консензус на сите партии. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека опозицијата подготвува ривични пријави и ќе бара одговорност од владата на Заев за потпишувањето на „капитулантскиот“ договор со Грција.

Претходно Николоски ексклузивно откри дека на првата лидерска средба Заев и Димитров ветиле дека нема да има промена на Уставот и нема да се разговара за идентитетските прашања. Николовски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во текот на целите преговори било држено настрана со смешно образложение дека не можела Владата паралелно да преговара на два фронта и со ВМРО-ДПМНЕ и со Грција, иако ниеден договор со Грција не може да помине во Собранието без општ консензус.

Николоски го потенцираше фактот дека опозицијата била информирана само на две средби. Рече дека на првата средба Заев и Димитров изјавиле дека нивните позиции се дека нема да се разговара за индентитетските прашања и промена на Уставот што не е случај во договорот. Николоски додаде дека постојат официјални записници кои сега се класифицирани каде Димитров и Заев ветуваат дека нема да има промена на уставот.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ забележа дека можело да се случи воопшто да нема стенографски белешки, бидејќи владата одбила да на направи записник од средбата.

„Владата не водеше стенографски белешки како што е редот. За среќа, претседателот на државата водеше стенографски белешки инаку можеше да се случи една од најбитните средби во историјата на Македонија да не биде забележана“, рече тој.

На втората лидерска средба Заев триумфалистички им го кажал предлогот „Илиденска Македонија“ и најавил промена на Ууставот, а опозициските претставници го потсетиле на претходната лидерска средба кога ветил дека нема да има промена на Уставот. Во тој момент претставниците на ВМРО-ДПМНЕ јасно му дале до знаење на Заев дека се против промена на Уставот. Епилогот од сето тоа, според Николоски, била благодарницата од грчка страна, за прифаќањето на промена на Уставот од страна на Заев, што потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ го окаректеризира како национална катастрофа.