Баша бара помасовно тестирање за Ковид-19 во Албанија

Лидерот на албанскатата опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, денеска уште еднаш апелираше до Владата да го зголеми бројот на тестирања против коронавирусот.

Додава дека треба да се делува веднаш, бидејќи секој изгубен ден чини живот.

– За да ги идентификуваат лицата погодени од Ковид-19 и да се прекине синџирот на пренесување, Владата треба да го зголеми бројот на тестови. Нискиот број на тестови ја прикрива вистината и чини животи! Колку помалку тестови, толку помалку идентификувани лица, толку подолго ќе трае синџирот на инфекција а со тоа и се поголем ќе биде бројот на заразени и починати, предупредува Баша.

Според него, колку помалку тестови се направат, толку подолго ќе трае карантинот и ќе се продлабочува економската криза.

Ова е втор апел на Баша за два дена. Во петокот побара преземање итни мерки за масовно тестирање на населението „како предуслов за забавување на натамошното агресивно ширење на коронавирусот“.

Тој побара тестирањето во Албанија да биде „приоритет како во Северна Македонија“.

– Ние сме на половина од бројот на тестовите кои ги има направено Северна Македонија, според бројот на жители. Тестирањето не е залудно бидејќи жртвувањето да останеме дома и изолирани, може да биде залудно, ако не успееме да ги идентификуваме сите засегнати или заразени од вирусот. Нема друг начин, рече Баша.

Според денешните информации на Министерството за здравство и социјална заштита, досега тестирани се 2.396 сомнителни случаи, при што позитивен резултат е потврден кај 361 лице.