Истрагата ја утврди целосна хронологија на настаните што се случија пред и по терористичкиот чин во концертната сала крај Москва и при стотиците претреси пронајдени се материјали за подготовка на нападот, изјави во понеделникот вечерта изјави шефот на рускиот Истражен комитет, Александар Бастрикин на состанокот на претседателот Владимир Путин.
Бастрикин информира дека врз подигнатите предмети, оружја и муниција досега се спроведени повеќе од 90 форензички, балистички, генетски и дактилоскопски вештачења.
„Извршени се повеќе од 200 увиди, претреси и заплени, при што се подигнати повеќе од 1.000 различни предмети релевантни за истрагата. При претресот на во станот во кој живееле обвинетите, освен отпечатоци, пронајдени се и фрагменти од ткаенини и алатки кои ги користеле при подготовките за нападот…“., рече Бестрикин.
При увидот на местото на инцидентот се пронајдени и одземени две автоматски пушки „АК-74“, повеќе од 500 парчиња муниција, 28 шаржери со куршуми и шишиња со остатоци од бензин. Увидот на местото на злосторството продолжува со учество на специјалци, криминолози и експерти од Истражниот комитет, додаде Бастрикин.
Ги потврди претходните неофицијални информации дека сите директни учесници во нападот биле уапсени во регионот Брјанск во текот на потерата по автопатот кој води кон руско-украинската граница.
Во понеделникот вечерта бројот на жртвите во нападот во „Крокус“ се искачил на 139, меѓу кои три се деца, од кои 75 се идентификувани, 182 се ранети, го извести, во продолжение шефот на Истражниот комитет. Додаде дека и натаму се вршат ДНК и форензички вештачења за да се утврдат точните причини за смртта на жртвите, имајќи предвид дека некои од нив се најдени во други простории и веројатно настрадале од чадот од пожарот.
Според него, изјавите на очевидците укажуваат дека пожарот во гледалиштето на салата бил предизвикан од напаѓачите кои го истуриле бензинот врз седиштата и ѕидовите и го потпалиле.
Бастрикин во продолжение изјави дека истрагата го утврдил целиот редослед на настаните при терористичкиот напад. Според него, во петокот (22-ри март), во 19,54 часот по локално време четворицата напаѓачи со автомобил „рено“ се упатиле кон „Крокус Сити Хол“, каде почекале да се соберат посетителите на закажаниот концерт и да влезат во салонот. Во 19,58 часот вооружени со автоматско оружје врз посетителите кои биле во холот на трговскиот центар во чиј состав се наоѓа концертната сала и продолжиле неселективно да пукаат во сите луѓе на коишто наишле.
„Користејќи ги кантите со бензин коишто ги понеле со нив, подметнале оган во објектот, и во 20,11 часот го напуштиле. Прелиминарните резултати од истрагата покажуваат дека нападот бил внимателни планиран“, заклучи Бестрикин.
Истакна дека целиот терористички напад траел 17 минути.
При бегството од паркингот пред трговскиот центар со нивниот автомобил со голема брзина налетале врз пешаци, семејство со две малолетни деца кои биле сериозно повредени и хоспитализирани.
Бастрикин рече и дека во текот на истрагата биле сослушани 130 од повредените во нападот и повеќе од 500 очевидци,
Додаде и дека во врска со случајот се вршат потребните истражни дејствија за откривање на сите инволвирани во делото, вклучително и нарачателите и организаторите на делото.
Во тој правец се приведени уште тројца соучесници на терористите кои им обезбедиле на стан и автомобил, а исто така им префрлиле пари, рече Бастрикин на средбата со Путин.
„Уапсени се уште три лица кои пружиле помош во подготовката на терористичкиот напад: обезбедиле стан за живеење, автомобил за превоз и им префрлиле пари“, рече првиот човек на рускиот Истражен комитет.