![toksikologija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/01/toksikologija.jpg?resize=524%2C288&ssl=1)
По поплавата на Токикологија испливаа и отказни решенија, како и најава за кривична пријава… Од ден на ден случувањата и реакциите на Клиниката за токсикологија стануваат пожестоки со што клиниката станува тензично место за работа. Приказната доби поинакво продолжение. Министерството за здравство на социјалните мрежи, наведувајќи ги причините за вчерашниот отказ на медицинскиот директор, доктор Данил Петровски споделија документ на кој потписници се вработените со договор на дело кои наведуваат остри обвинувања за доктор Нико Беќаровски-кој наводно ги навредувал вработените по национална основа, а тие истовремено се со истечени договори. Доктор Беќаровски коментирајќи на објавата на социјалните мрежи, упати апел до министерот за здравство јавно да се извини и да се огради од објавата во следните 24 часа.
– Почитуван министер за здравство г. Илир Демири, искрено се надевам дека објавата е без Ваше знаење и одобрение бидејќи со неа ми нанесовте несогледлива штета на мојот углед, базирана на лажни изјави, на незаконски архивиран документ, на кој не стои ниту едно име, за која ќе следува соодветна судска тужба кон инволвираните. Инпутирање какви било национални навреди е најблаго речено дегутантно. И јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит систем, без никакви други предрасуди. Најколегијално Ве замолувам во следните 24 часа јавно да се оградите од оваа несреќна објава на сајтот и да ми се извините за нанесената повреда на мојата чест и углед, вели проф. д-р сци Нико Беќаровски за ТВ 24 вести.
Вработените од Токсикологија со редовен засонован работен однос на неопределено време, застанаа зад Беќаровски и ги демантираат наводите изнесени во изјавата на како што велат, група лица без статус на вработени во клиниката.
– Доктор Нико Беќаровски е врвен професионалец кој повеќе од 30 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на етничката припадност или припадност на политичка партија, па поврзувањето на неговото име со вакви невистини за остварување на политички цели е скандалозно и некоректно и поттикнува нетрпение по национална основа, велат вработени во ЈЗУ УК за Токсикологија
Од Министерството за здравство кратко ни одговорија дека во врска со овој случај остануваат на ставот кој веќе го изнеле јавно во текот на вчерашниот ден. Извесен период Клиниката за Токсикологија е во фокусот на јавноста, ситуацијатас е вжешти поради недоразбирањата помеѓу директорите, издавањето лажни резултати, незаконското работење на неколкумина чии договори им се истечени речеси половина година, реакциите од колективот за директорувањето на Бесија Илјази која заедно со преведувач доаѓала на работа, поплавата, тргањето на доктор Данил Петровски од позиција медицински директор.