Бејта: Кажете ми за еден успех на Груби, јас не знам да наведам

Оваа Влада не направи доволно за граѓаните, не сме задоволни од нашите министри, вели Невзат Бејта екс потпретседател на ДУИ и дел од „огнената група“ во интервју за ТВ Клан. Бејта кој со „огнените“ бараат разрешување на првиот вицепремиер Артан Груби оцени дека не знае за ниту еден проект кој реализирал Груби.

-Не сме задоволни од работата на нашите министри во Владата, затоа побаравме да функционираат партиски органи за да има одговорност. Актуелната власт не и служи на граѓаните. Кажете ми успех на Груби како вицепремиер, кажете ми за еден негов успех затоа што јас не знам – рече Бејта.

Тој го обвини Груби дека не му помогнал на локалните избори, туку дека повеќе се себепромовирал.

-Артан Груби беше гласен во мојата кампања, но тој се промовираше себеси, а не мене, јас бев кандидат на ДУИ, а не Артан Груби. Ве молам, не можете да му ги препуштите заслугите на Али Ахмети и ДУИ на Артан Груби – рече Бејта.

Тој дури обвини дека во трката за градоначалник на Гостивар изгубил поради свои сопартијци.

-Некои функционери на ДУИ тајно работат да ме ослабат, не се ангажираа колку што треба и затоа загубив во Гостивар. Разговаравме за овие грижи, му кажав и на претседателот Али Ахмети – вели Бејта.

На прашањето дали се плаши од Алијанса за Албанците за позициите на ДУИ во Гостивар откако градоначалникот Арбен Таравари стана и претседател на таа партија, Бејта одговори дека нема зошто да се плаши, оценувајќи дека Алијанса за Албанците е ослабена особено по поразот на изборите во Тетово каде, како што нагласи, доживеа политички дебакл.

„Арбен Таравари требаше да си поднесе оставка, како што тоа го стори Зијадин Села. Анкетите покажуваат дека сме многу понапред од Алијансата за Албанците. Тие се слаби во повеќето региони, дури и во Гостивар се на половина од тоа што беа“, рече Бејта.

На прашањето што мисли за евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата, Бејта одговори:

„Нека нѐ победат на избори па нека влезат. Но ако сега влезат, таа партија ќе се спои со ДУИ. Всушност, треба да јакнат како опозиција. Во демократија треба да се има и опозиција и власт“.