Бегаат ли од Заев неговите најблиски соработници?

Најблиските и први соработници, како што самиот премиер Зоран Заев ги нарече се чини први почнаа да го напуштаат во пресрет на предвремените парламентарни избори.

Најавата на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев дека по изборите си заминува од функцијата води токум кон ваков заклучок.

Анѓушев го најави своето повлекување од политиката по изборите со образложение дека неговите бизниси трпат финансиски загуби поради неговото отсуство.

„Кога прифатив да бидам дел од Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто. Тоа не е само заради неучеството на тендерите, туку и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ниедна партија, нема да продолжам со политиката во перспектива“, рече Анѓушев објаснувајќи ги причините за намерата да замине од владиниот кабинет.

Заев претходно потврди дека неколкумина негови соработници од советничкиот тим ги прекинуваат договорите. Една од нив е Ленче Николовска, кој го советуваше за земјоделие. Заев вели нашла подобра и поплатена позиција. Си заминува и Мерсел Биљали за да избегне конфликт на интереси бидејќи неговата ќерка требало да се вработи во државна фирма.

Дека на премиерот Заев му станува тешко да најде луѓе кои прифаќаат работа во неговиот кабинет и соработка со него стана јасно и при пролетната реконструкција на Владата. Иако се најавуваат драстични промени во министерските редови сепак од кабинетот си замина само министерот за финансии, Драган Тевдовски. Тогаш Заев се самопредложи за министер за финансии, но по реакции од јавноста и Антикорупциска дека таа постапка би била спротивна на законите премиерот се повлече.

Официјалното објаснување на Заев беше дека сака тој лично да се посвети на раководењето со државната каса со цел да ги спроведе ветените проекти и мерки. Неофицијално, никој од оние на кои Заев и ја понудил позицијата одбил да ја прифати.

Министерското место стоеше празно неколку месеци пред актуелната министерка Нина Ангеловска да ја преземе функцијата.