Шест возови Еуростар беа блокирани синоќа поради група бегалци, кои биле на шините во тунелот под Ла Манш, на француска територија, објави МИА.
Еуростар, компанија чии возови сообраќаат меѓу Лондон и Париз или Брисел, синоќа соопшти дека пет нејзини возови стојат на влезот во тунелот на француска страна бидејќи има луѓе на шините.
Портпаролот на француската железница СНЦФ, соопшти дека шестиот Еуростар воз, што сообраќал од Лондон за Париз морал да се врати во британскиот главен град.
Групацијата Евротунел објави дека сообраќајот на камиони со вагони се одвива нормално.
Шините биле блокирани од група луѓе, поради што возот пред влезот во тунелот на француска страна морал да запре. Откако запрел редарските служби интервенирале за негова евакуација. Сообраќајот е повторно овозможен, откако полицијата го ослободила подрачјето околу 1:30 по локално време, изјави портпаролот на француската железница.
Околу 3.000 мигранти, во најголем дел од Африка, се наоѓаат во Кале и околината, од каде се обидуваат да дојдат до Англија.