„Бехтел и Енка“ ќе може да вработува странци под олеснети услови

Државата ќе му овозможи на конзорциумот „Бехтел и Енка“ како стратешки партнер кој ги гради автопатските коридори 8 и 10д и на другите стратешки партнери на државата под посебни олеснети услови да вработат странски работници. Дел од овие услови нема да важат за вработување на странци во другите компании во земјава.

Министерството за внатрешни работи подготви нацрт-измени на Законот за странци со кои се олеснува постапката за добивање дозволи за престој на странци кои се вработуваат кај стратешките партнери и нивно вработување по скратена постапка. Нацрт законот е објавен на ЕНЕР.

Цел на измените, како што се наведува во образложението, е да се усогласи Законот за странци со обврските преземени со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и на коридорот 10 д во делот на ангажирање/вработување на лица-странци како работна сила. Дополнителна причина за измените е да се олесни процедурата поради сложеноста и обемноста на документацијата која е потребна во постапката за поднесување и одобрување на привремениот престој заради работа.

Според овие измени, компаниите кои реализираат стратешки проекти во земјава (како и „Бехтел и Енка“) ќе можат да ангажираат работници од странство без разлика дали е исцрпена државната квота за вработување странци и без мислење на Агенцијата за вработување, која дава мислење за вработување на странците. На странците што ќе ги ангажира стратешкиот партнер ќе им биде продолжен престојот со гаранција од работодавачот и со посебна потврда за стратешки партнер издадена од Министерството за економија и труд најмногу до една година наместо до 6 месеци како за другите странски работници. Стратешкиот партнер ќе треба да поднесе и доказ за тоа дека ги исплатил сите обврски кон работникот.

МВР ќе одобрува и привремен престој на странец вработен само во правниот субјект со статус на стратешки партнер и со приложување договор за работа склучен со правниот субјект со  образложение за потребата и соодветноста на работникот-странец за конкретното работно место за кое се ангажира.

Како едно од олеснувањата кои се предложени во измените на законот е тоа што барањето за привремен престој го поднесува правното лице кое го вработува странецот директно во Министерството за внатрешни работи, наместо во Агенцијата за вработување, со што се крати постапката.

Новина е и тоа што Агенцијата за вработување се прескокнува и во ситуацијата кога документацијата потребна во барањето за привремен престој која е доставена до Министерството за внатрешни работи е некомплетна. Сега известувањето за комплетирање на документацијата директно го доставува Министерството за внатрешни работи. Рокот за комплетирање на документацијата е 7 дена од денот на известувањето по што МВР го одбива барањето.

Правното лице кое бара привремен престој за вработени странци ќе треба да поднесе и гаранција за странецот што го вработува.

„Со гаранцијата правното лице поднесува писмена изјава дека ќе ги сноси трошоците за престојот и за присилното отстранување на странецот од територијата на Република Северна Македонија, како и трошоците за евентуалниот престој и сместување на странецот, доколку тие не можат да се наплатат од странец. Покрај изјавата гаранцијата треба да содржи и информации за странецот (име и презиме на странецот, датум на раѓање, државјанство на странецот, информации за патна исправа), информации за правното лице кое дава гаранција (назив на правно лице, седиште на правното лице, единствен матичен број на субјектот и единствен даночен број на субјектот, потпис и печат на одговорното лице во правното лице кое го повикува странецот, причината поради која се повикува странецот во Република Северна Македонија, како и други податоци кои се од важност во постапката. Гаранцијата мора да биде заверена од надлежен орган за заверка на писмени исправи“, стои во нацрт измените на Законот за странци.

Новина е и тоа што се скратува рокот за вработување на странецот кој добил дозвола за престој од најмногу 90 на најмногу 30 дена. Со предложените измени се крати и рокот за меѓусебно изведување на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување кои водат евиденција на дозволите за привремен престој и вработувањето и отпуштањето од работа на странците.

Новина во овие законски измени е и тоа што странски осудени лица ќе можат да бидат вработени кај стратешките партнери на државата. Со измените привремен престој може да се добие ако странецот бил осудуван во државата чиј државјанин е, но ако дошол од друга земја каде што не е осудуван.

Бизнисмените од градежништвото велат дека овие измени се на штета на државата а во корист на еден странски стратешки инвеститор кој е привилегиран во однос на останатите компании, домашни и странски инвеститори, кои имаат потреба од увоз на работници.

– Факт е дека нема работници во градежниот сектор, а тоа го имал предвид и стратешкиот партнер кога конкурирал за работа во земјава. Затоа ние баравме домашната градежна оператива да биде вклучена во реализацијата на проектот. Градежниот сектор е засегнат со овие измени бидејќи компанијата која ги гради автопатиштата од коридорот 8 и 10 д е привилегирана при вработувањето на странски работници. Тоа посебно се однесува на деловите од законот каде што измените важат само за странските партнери, но не и за домашните. Посебно е проблематично тоа што ќе можат да се вработуваат странци во земјава кои се осудени во земјата на која се државјани. Тоа во сегашниот контекст на состојби во светот е многу ризично не само за работодавачите, туку и за земјата. Не смееме да дозволиме интересите на една компанија да бидат над интересите на целата држава – вели Никола Велковски, член на Градежната комора.

Дел од бизнисмените велат дека темелно ќе ги проучат измените и ќе реагираат до подносителот, доколку имаат забелешки.

Од Синдикатот за градежништво велат дека законските измени кои се предложени се дискриминаторски за домашните компании и странските инвеститори кои не се стратешки партнери на државата, а имаат потреба да вработат странци.

– Посебно е жално што странските работници кај стратешките партнери во случајов кај „Бехтел и Енка“ ќе работат во услови за работа каде што можеби Инспекторатот за труд нема да има пристап. Последните измени на Законот за работни односи кои се однесуваа за продолжувањето на прекувремената работа исто така беа поттикнати од потребата да се усогласат со договорите со стратешките партнери „Бехтел и Енка“, па работниците ќе мора да „црнчат“ 12 часа дневно без да им се признае прекувремена работа. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ беше против овие измени а сега прави измени на закон со кој ги дискриминира останатите компании при вработувањето на странски работници, а на домашните работници им се влошуваат условите за работа и им се укинуваат стекнатите права. Дополнително со овие измени се дискриминираат домашните компании кои ќе треба да ги тераат сите процедури предвидени за вработување на странци како квоти, мислење од Агенцијата за вработување и многу други работи со кои им се усложнува постапката – вели претседателот на синдикатот на градежници Иван Пешевски.

Мислење за измените на Законот за странци ќе треба да даде и Владата по што ќе се знае дали тој ќе оди по редовна или по скратена постапка во Собранието.