„Бехтел и Енка“ утре почнуваат со изградба на коридорите

Утре треба да започне изградбата на коридорите 8 и 10 д, но која ќе биде конкретната локација од каде ќе тргне проектот се поизвесно е дека ќе остане тајна до последен момент.

Од Владата досега не открија конкретно место, а од Министерството за транспорт и врски пак велат дека од утре всушност започнуваат да течат роковите и подготовките на трасата.

-Од 22 април започнува реализација на договорот, што практично значи дека изведувачот ги започнува сите подготвителни работи на терен, снимање на теренот, проектирање, подготовка на локации за кампови за работници и градежните машини, подготовка на урбанистичките проекти за патните коридори и постапките за експропријација.- Министерство за транспорт и врски

Потпис на договорот тежок милијарда и триста милиони евра, претставници на владата и американско – турскиот конзорциум ставија на 8 ми март, ден откако беше одобрен.

Договор беше резултат на едномесечните преговори на Бехтел со владините консултанти предводени од ИРД Инжиринг, кои ќе бидат задолжени и за надзор на работите што ќе ја чини државата дополнителни 22,5 милиони евра. Но уште со самото потпипишување дојдоа и обвинувањата од најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, дека главниот координатор на проектот, вицепремиерот Артан Груби, го компромитира надзорот на коридорите. Груби тогаш одговори дека се било законски.

Со свечена церемонија на 4 април кај наплатната рампа на автопатот Тетово – Гостивар, беше означен почетокот на изградбата на коридорот 8. Од бината во форма на автопат, освен Ковачевски и Груби облечен во симболична маичка на која беше испечатен пат и бројот 8, се обратија и лидерот на ДУИ Ахмети и американската амбасадорока Анџела Агелер.