Каква било сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница е лажна, вели меѓудругото американскиот амбасадор Џес Бејли во писмото, кое пред неколку дена го испратил до претседателот Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев.
Во писмото, кое е со датум од 18 декември Бејли бара од судии да не ја посочуваат Амбасадата на САД за одговорна за одлуките шти тие ги носат за притворите и пресудите.
Во изминативе седмици, на моите колеги и мене во повеќе наврати ни беше кажано дека судии, наводно, припишувале одлуки донесени во тековни судски предмети, истраги и притвори на „инструкции од Американците“. Ништо не би можело да биде подалеку од вистината. Соединетите Држави поддржуваат и се залагаат за независност на македонското судство. Ние веруваме дека судиите треба да носат одлуки врз основа на важечките закони и дозволени докази, а не врз основа на какви било политички проценки или интервенциии од некоја политичка или владина личност. Тоа е наша конзистентна порака, јавно и приватно, вели тој во писмото.
Бејли нагласува дека програмите на САД за обука и менторство биле дизајнирани за да ги унапредат професионалните вештини и отпорност на македонските судии со цел тие да можат да издржат надворешен притисок и да носат независни, издржани одлуки. Нагласува дека каква било сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница е лажна.
Длабоко сум вознемирен од ваквите постојани лажни гласини, со оглед на нашата посветеност за независно судство. Со цел да помогнете да се разобличат ваквите лажни наводи, Ве молам да ја споделите содржината на ова писмо со Вашите колеги судии со цел тие да се уверат дека нашата позиција е и ќе остане иста, а тоа е дека тие се независни во применувањето на законот и дека ништо друго освен фактите и законот не треба да влијае на нивните одлуки, се наведува во писмото на Бејли до Џолев.