Пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе се усвојат, проектот ќе се реализира, тоа е завршена работа и тоа треба да им биде јасно на сите, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши одговарајќи на новинарско прашање.
Одговорот на Бектеши доаѓа откако денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска објави дека го добиле договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ што ДКСК го побара како дел од документацијата за предметот кој го отвори во однос на проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д.
„Во однос на законите враќање назад нема. Ја имаме една од најголемите реномирани компании која ќе биде изведувач, а тоа е ‘Бехтел’ во конзорциум со ‘Енка’“,
Министерот Бектеши ги повика антикорупционерите да бидат поекспедитивни и да излезат со нивните наоди имајќи предвид дека веќе го имаат договорот.
„Има институции, ДКСК, Обвинителство, па и другите, нека си ја завршат својата работа. Владата ги заврши своите работи, сега законите се во Собрание, очекуваме пратениците што побрзо да ги усвојат и да почнеме да работиме што ќе влијае позитивно и во делот на економијата имајќи предвид дека над 50 отсто од договорот ќе се реализира од домашни економии, а ние очекуваме тоа да биде и над 70 отсто“, додаде Бектеши.
Покрај Антикорупциската комисија, и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на крајот на март отвори предмет по допрен глас.