Бектеши најавува нови мерки за ублажување на ценовниот шок

На Владата и се на располагање дополнителни автономни мерки и ако утврдиме дека дополнително може да се влијае во делот на ублажување на цените откако ќе се направат потребните анализи ќе бидат донесени, најави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што рече Бектеши во гостување на ТВ Сител, досега се направени над 1100 контроли од Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи и се изречени соодветни казни, но мерките главно се почитуваат.

Мерките што се во сила како таа за намалување на ДДВ за основните прехранбени производи и таа за утврдување на маржите на трговците на големо и мало, според него, имаат влијание но, како што нагласи, треба да имаме во предвид и дека секако можат да влијаат и цените на репроматеријалите кои се увезуваат во нашата држава во делот на произвдоствената цена која се формира од страна на производителите.

„Ние во делот на трговијата на големо и мало сме интервенирале во профитните маржи, каде што за три производи утврдивме да нема никаква маржа, а за другите да има 4 и 3 проценти и тоа го следиме секојдневно преку инспекторатот. Дополнително, ако треба на наредната седница ќе донесеме и дополнителни мерки од автономните кои ги имаме на располагање.Тоа би било укинување на одредени квоти кои се предвидени за одредени земјоделски производи, а дополнително и царински давачки. За одредени производи имаме царинска стапка од 29 проценти, од 32 проценти, тие ќе ги укинеме целосно, се со цел да има што поголем број на производи и можност за трговците во нашата држава да имаат поконкурентни цени. Утре, задутре ќе ги направиме последните анализи за начинот како се спроведуваат и ефектите што ги имале мерките, ако утврдиме дека дополнително може да се влијае во делот на ублажување на цените секако дека во текот на оваа недела ќе ги донесеме“, рече Бектеши.

Утре, задутре, дополни министерот, ќе имаме точни извештаи, ќе ги разгледаме на Влада и ќе донесеме соодветни мерки.

Според него, продолжувањето на одлуката за забрана на извоз на житни култури и на маслото за јадење до 15 април наместо првичните предвидени 10 дена, не значи дека државата се соочува со недостаток.

„Не, имаме доволно залихи од овие производи и суровини. Мерката ја продолживме заради тоа што има простор да се направи манипулација. Во моментот кога Србија објави дека ќе забрани извоз на одредени производи веднаш од соседните држави почнаа да даваат двојно или тројно поголеми цени на нашите компании и одредени сакаа да го насочат нивното производство за извоз, а не за домашниот пазар, што би можело да влијае во нашите цениа внатре во државата и затоа ние одлучивме да забраниме“, рече Бектеши.