Бектеши: Набавката на гас може да биде и преку алтернативни извори на Бугарија

Министерот за економија Крешник бектеши на денешната прес-конференција рече дека набавката на природен гас во Македонија оди преку приватни компании кои имаат договори со Гаспром и со тоа не е загрозен начинот на плаќање, откако Русија најави дека од денеска овој енергенс ќе може да се купува само во рубљи.

– Снабдувањето кај нас е генерално до крајот на грејната сезона до 15 април, а  приватни договори кај нас имаат Макпетрол и ТЕ-ТО, кои имаат лиценцирани фирми, изјави Бектеши како одговор на новинарско прашање.

Министерот додаде дека во краен случај, доколку Бугарија го прекине снабдувањето со природен гас од Русија, соседот ќе ја снабдува Македонија од своите алтернативни извори.

– Ние ќе ја почитуваме секоја одлука што ќе ја донесе ЕУ. Убеден сум дека ќе најдеме нови алтернативи како што е интерконекторот со Грција, терминалот Александроипулос, како и нов интерконектор со Бугарија. Ако се донесе тавква одлука, ќе се снабдуваме од Бугарија со сите алтернативни ресурси кои ќе ги преземе таа земја, наведе Бектеши.

Русија ќе ја запре испораката на гас за купувачите од „непријателските“ држави, освен ако не се префрлат на плаќања во рубљи од 1 април, изјави претходно рускиот  претседател Владимир Путин.

Тој потпиша декрет според кој странските купувачи мора да плаќаат во рубљи за рускиот гас од 1 април, а договорите ќе бидат прекинати доколку овие плаќања не се извршат.