Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека најавената мерка за субвенции при купување нови возила нема да се применува поради ограничувачкиот фактор за задолжителна примена на принципот „Прв дојден прв услужен“ при распределба на средствата.
Одговарајќи на новинарско прашање Бектеши денеска најави дека се работи на ново решение со кое без импликации на буџетот ќе има поголем опфат на граѓани и потенцира дека Владата не се откажува од намерата за обнова на возниот парк во државава.
Министерот за економија наведе дека веќе претходно информирал за можноста таа мерка да не се примени, имајќи го предвид ограничувачкиот фактор со принципот „Прв дојден прв услужен“.
– На тој начин ако предвидевме директни средства ќе можевме да поддржиме само 500 до 1 000 граѓани кои ќе се откажат од старите возила. А што ќе направевме ако други 3.000, 4.000 и 5.000 граѓани го направеа истото? Затоа направивме работна група со министерствата за финансии за животна средина и Царинската управа, и во текот на овој месец вклучувајќи ги тука и законските решенија каде нема да има директни финансиски импликации врз буџетот, ќе донесеме соодветна одлука. Не се откажуваме од нашите намери да го обновиме возниот парк во Северна Македонија. Тоа не значи дека тоа што сме го најавиле нема да го реализираме и оти нема да создадеме други мерки каде ќе бидат вклучени сите заинтересирани граѓани и ќе нема лимитирачки фактор како што е моделот „Прв дојден прв услужен“, рече Бектеши.
Тој потсети дека при сите јавни повици мора да се користи принципит „Прв дојден -прв услужен“ и оти во тој случај откако ќе се исцрпат предвидените средства не може да се даваат други.
– Ќе одиме со друго решение за мерката да можат да ја искористат повеќе заинтерсирани граѓани или таа поволност што би можеле да ја даваме преку законско решение. Ќе нема директно субвенционирање со пари, дополни Бектеши, на прес-конференицијата на која го претстави буџетот на Министерството за следната година.
Мерката за субвенционирање нови возила ако потрошувачот се откаже од старото возило, беше предвидена со Законот за возила, како дел од мерките за намалување на аерозагадувањето, но како што информираше министерката за финансии Нина Ангеловска, во Предлог буџетот за следната година не се предвидени средства за таа намена. Работна група што го разгледувала ова прашање одлучила средствата да се алоцираат таму каде ќе дадат најдобар ефект, изјави Ангеловска, потенцирајќи дека аерозагадувањето е еден од приоритетите на Владата и оти по тој основ во буџетот има повеќе мерки што се вградени во најразлични министерства.