Бектеши не очекува струјата да поскапи од 1 јули, но неизвесно е дали ќе остане ДДВ од 10 отсто

Министерот за економија Крешник Бектеши не очекува да се зголеми цената на електричната енергија од 1 јули годинава. За промена на начинот на пресметката веќе се прават анализи, а една од можните мерки е да се продолжи со 10 проценти ДДВ наместо со 18 во сметките за струја.

-Во координација со Регулаторната комисија за енергетика, факултетите и други експерти, веќе се прават анализи на одредени опции, за да се менува начинот на пресметување на цената на електричната енергија, во согласност со капацитетите што ќе ги имаме во мај и во јуни. Убеден сум дека сите одлуки ќе бидат во насока на тоа да се зачува животниот стандард на граѓаните и да се поддржат малите и средните компании да бидат што поконкурентни, што значи дека не очекуваме да има зголемување на цената на струјата од 1 јули имајќи ги предвид постоечките податоци и предвиденото, во спротивно очекуваме да има дополнително намалување како што направивме, рече Бектеши на средба со медиуми.

Прашан како на цената ќе се одрази зголемувањето на ДДВ-то на 18 проценти од 1 јули Бектеши рече дека тоа ќе биде одлука која ќе треба да ја разгледаат министерствата за економија и за финансии и оти сега нема такви разговори.

-Владата е насочена на мерки со кои ќе им се излезе во пресрет на граѓаните, а една од таквите мерки е да се продолжи со 10 проценти ДДВ имајќи предвид дека од 1 јули согласно производството на ЕСМ и движењата на цените на берзите и подготовката што ја направи државата ќе има дополнително намалување на цената на струјата, рече Бектеши.