Во писмото, објавено на неговиот Фејсбук профил, Бектеши укажува дека Македонија, може да дозволи увоз на рибен подмладок и икра, доколку косовските власти ги дадат сите потребни гаранции и доколку работните групи потврдат дека се воведени програми за активен и пасивен надзор на водните култури и дека се спроведени како што треба.
Република Македонија ја наметна забраната за увоз од сите земји, вклучително и Република Косово, кои немаат мониторинг заради извоз на животни од аквакултура, како мерка предвидена од меѓународно воспоставените принципи за спречување ширење на болести на аквакултура, и побара Агенцијата за ветеринарство и храна на Република Косово да обезбеди докази за нивно воспоставување. Воедно да спроведе соодветна програна за активен и пасивен надзор врз аквакултурата, како и дека тие вршат лабораториска анализа за бараните заболувања кај животните од аквакултура – наведува Бектеши во писмото, осврнувајќи се на состојбите и договорот по состанокот од пред три дена во Приштина.
Во случај ако надлежните органи на Република Косово ги обезбедат сите потребни гаранции, АХВ на Македонија може да дозволи извоз од односното претпријатие за аквакултура, кое има право да извезува животни од аквакултура.
Очекуваме во текот на овие работни денови да ја повлечете Одлуката за забрана за извоз на компир и мед од Македонија. Останувам на располагање за какви било дополнителни информации од корист и во насока на олеснување на трговските односи помеѓу двете држави“ – наведува Бектеши.
Официјалните податоци покажуваат дека извозот на македонски мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199 долари, додека во првите пет месеци од годинава од 212.227 долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири.