Бектеши: Однесувањето на „Макпетрол“ е неодговорно, ќе најдеме друг набавувач на гас, веќе има понуди

Од Владата се оптимисти дека брзо ќе се најде решение за снабдување со гас, откако Макпетрол најави во соопштение дека од 1 јануари 2023 ќе ги за затвори вентилите за своите потрошувачи во земјава. Се водат преговори, но кој би бил снабдувачот, од Министерството за економија се уште не откриваат. Според министерот Крешник Бектеши, во игра се компании од повеќе земји.

„Макпетрол“ ја донесе таа одлука поради потпишаниот договор помеѓу „Гама“ и „Булгартранс гас“ од Бугарија, со што, како што наведуваат, се наметнуваат нови услови за работа, кои за нив не се применливи. Компанијата побарала пролонгирање на старите услови, но не наишла на разбирање.

-„Макпетрол“ АД Скопје, во согласност со Договорот за интерконекција, побара од државната компанија „ГА-МА“ АД Скопје да обезбеди согласност од „Булгартрансгас“ да продолжи со работа според старите услови, заклучно со 30 септември 2023 година, во кој период би се донеле сите подзаконски акти и сите учесници на пазарот на природен гас би се подготвиле за новиот начин на работа, кој е многу посложен од досегашниот, се наведува во соопштението на компанијата.

Според министерот Бектеши, „Макпетрол“ бил известен за преговорите на државата со „Булгартрансгас“.

„Ме зачудува фактот што вчера одржале состаноци со надлежните институции, ги разговарале сите услови кои се предвидени за договорот меѓу „ГА-МА“ АД и „Булгартрансгас“, немале никакви забелешки, односно тие што ги имале ги кажале и денеска наеднаш излегуваат со соопштение дека нема да увезуваат гас, рече Бектеши.

Тој во гостување на Тема на денот во вестите на ТВ Сител оцени дека станува збор за неодговорно однесување од компанијата, како и дека чекорите на државата се во насока на избегнување на ситуација на целосна зависност на гас од Русија. Тој обвини дека „Макпетрол“ и во минатото покажала неодговорно однесување.

– Не е првпат што прави вакви работи, граѓаните се сеќаваат од времето кога ги затворија бензиските пумпи и не точеа дизел заради тоа што требаше да чекаат само еден ден за Регулаторната комисија за енергетика да носи нова одлука за зголемување, појасни тој.

-Ние се залагаме да се либерализираме и таа обврска што сме ја земале како држава кон енергетската заедница, преку регулативите на ЕУ, веќе ги спроведуваме. Во спротивно, можеме да се доведеме во ситуација да бидеме целосно зависни од Руската федерација, што ќе се случеше, ако преку ноќ имаше забрана за снабдување со природен гас на нашата држава, рече Бектеши.

Додаде дека најверојатно ќе бидат најдени други опции за набавка на гас, затоа што имало простор до 1 Јануари идната година, за што Министерството дополнително ќе инфомирало најдоцна до вторник. Имало заинтересирани компании кои во иднина би го вршеле снабдувањето на пазарот и понуди до ЕСМ, но Бектеши не откри од каде доаѓаат.