Секако дека ќе имаме средба со угостителите во наредниот период и убеден сум дека ќе најдеме решение за да почнеме дополнително да ги помагаме во првиот квартал од наредната година, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Задоволен е од искористеноста на ваучерите што се доделуваа за поддршка на туризмот поради ковид кризата, мерка со којашто 400 милиони денари веќе се слеале во сместувачките капацитети.
– Нашата главна цел е да се поддржи туристичкиот сектор во нашата држава. Јас сум задоволен со искористување на ваучерите имајќи во предвид дека 400 милиони денари веќе се слеани во нашите сместувачки капацитети, а дополнително на тоа уште еднаш се покажа дека Министерството за економија ги прави проекциите согласно реализацијата имајќи во предвид дека и кога го објавивме четвртиот сет на економски мерки дополнително имавме поддршка за хотелиерството и приватните сместувачки капацитети во нашата држава со враќање на туристичката такса. Дополнително на тоа со оглед дека ваучерите можеа да се користат и преку туристичките агенции ние одлучивме, имајќи го предвид трендот или динамиката на реализација на ваучерите дополнително да им дадеме грантови на туристичките агенции – рече Бектеши на новинарско прашање по отчетот за прите 100 дена од новиот мандат во Министерството за економија.
Покрај оваа директна помош, нагласи тој, компаниите во овој сектор можеа да користат и исплата на плати во висина на минимална бруто плата.
– Веќе го усвоивме и четвртиот сет мерки плус за изоставените категории на бизниси или пак на граѓани кои не можеа да добијат финансиска поддршка со третиот сет економски мерки, обезбедени се во буџетот 2021 во ковид Програмата пари за дополнителни мерки. Веќе сме во разговори и со сите засегнати страни и ако продолжи само во угостителскиот сектор да има влијание пандемијата или пак рестриктивните мерки, секако дека ќе усвоиме дополнителни мерки се со цел тие да бидат ликвидни и да можат да ги зачуваат нивните работни места, но истовремено и да ја вршат нивната дејност – рече Бектеши.
Запрашан за тоа дали се планира средба со претставници од угостителството кои денеска најавија дека ќе поднесат претставка до Уставниот суд во врска со забраната за работа после 18 часот, а со цел да договорат мерки кои им се потребни, Бектеши рече дека има редовна комуникација со сите стопански комори, вклучувајќи ги и од туристичкиот сектор.
–Ние редовно и во склоп на координативното тело кое е формирано од страна на Министерството за економија каде што учествуваат сите стопански комори и оние кои се занимаваат со делот на туристичкиот сектор разговараме за секакви мерки кои се во нивна корист и кои се потребни за нив, почнувајќи од директната помош што ја дава државата, но истовремено и за дополнително промовирање на нашата држава за наредната година имајќи во предвид дека имаме намалување на странските туристи. Секако дека ќе имаме средба со угостителите во наредниот период и јас сум убеден дека ќе најдеме решение за да почнеме дополнително да ги помагаме во првиот квартал од наредната година. Но, треба да се има во предвид дека угостителскиот сектор бил еден од најпомогнатите сектори и во 2020 година, но имајќи во предвид дека паралелно на тоа што сме донеле рестриктивни мерки како Влада истовремено сме ги поддржале сите тие сектори кои со одлука на Владата биле затворани или, пак, им е скратено нивното работно време и на таков начин Владата и Министерството за економија ќе продолжат да ги спроведуваат дополнителните мерки кои ќе почнеме да ги реализираме во првиот квартал од 2021 година – рече Бектеши.
Тој најави дека претставниците на работниците во угостителскиот сектор ќе бидат вклучени во дизајнирањето на дополнителните мерки.
Бектеши рече и дека во моментот не се размислува за друго решение од тоа што на предлог на Комисијата за заразни болести е прифатено за работното време.
– Тоа е предлог на Комисијата за заразни болести. Ние во континуитет сме кажале дека ќе ги почитуваме сите нивни предлози имајќи во предвид дека тие се најповикани што се однесува до пандемијата во нашата држава. Ние веруваме во нивниот капацитет, но мора да кажеме дека ние нема да ги изоставиме угостителите во нашата држава, ќе им излеземе во пресрет како Влада како што сме направиле и претходно. Мерките ќе останат се до моментот кога Комисијата за заразна болести ќе мисли дека ќе треба да се донесат други – рече Бектеши.
На прашањето како би ја оценил својата работа, Бектеши наведе дека остава тоа да го направат граѓаните.
– Ние сме убедени дека како Влада тоа што сме го ветиле во првите 100 дена и во време на пандемија сме го исполниле, а оценката ќе ја оставиме на нив – вели министерот за економија Бектеши.